Кои Златооки инсекти се најкомерцијално употребувани како корисни предатори?
Златооките се голема група на инсекти кои што природно ги населуваат просторите на Северна Америка и Европа. Речиси сите инсекти од оваа група имаат неверојатно слични карактеристики. Единствен начин за нивно одредување се специфичните вибрациски сигнали кои што ги испуштаат за време на периодот на парење. Интересно за златооките е тоа што возрасните единки се хранат исклучиво од полен, нектар и медена роса и не се предаторски настроени, додека нивните ларви се исклучиво активни предатори и се хранат со голем број на инсекти. Токму поради оваа карактеристика, ларвите се користат за биолошка контрола на штетници во земјоделското производство. Кои Златооки инсекти се најкомерцијално употребувани како корисни предатори?
Инсектот од групата златооки Chrysoperla carnea е најмногу искористен комерцијално. Релативно лесно препознатлив бидејќи возразните единки имаат светлозелена боја на телото, долги кончести антени и крупни и златни очи. Имаат должина од 12-20 милиметри со тенки крилја кои ја надминуваат должината на телото. Тие ги полагаат јајцата на опачината на листот или на стеблото. Специфично е што при полагањето на јајцата тие се прикачени на тенки и долги стапчиња за да не ја допираат површината и станат плен на останатите предатори кај коишто движењето е ограничено само по површината на лисјата и стеблата.
Во период од 3 до 6 дена од јајцата се изведуваат ларви кои што веднаш започнуваат со својата исхрана. Нивната исхрана може да се состои од седумдесет различни вида на инсекти. Доколку се присутни во земјоделското производство тие најчесто се хранат со неколку вида на вошки, црвени пајачиња, трипси, белокрилки, јајца од скакулци, лисни минери, мали молци и гусеници. Способни се да уништат и цели колонии од лисни вошки.
По 2-3 недели, ларвите го започнуваат следниот процес од развојот (формирање на кукла). Почнуваат со спирални движења и испуштање на свилен секрет, кој подоцна создава цврста структура во која ларвата започнува да се кукли. Процесот трае од 10 до 14 дена и по завршување од куклата излегува адулт-возрасна единка. Во текот на една година може да имаат повеќе генерации, но бројот на генерации е во голема зависност од температурата и оптималните услови за развој.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.