Одгледувањето на овци или овчарството во Македонија претставува втора по ред гранка од сточарството, веднаш по одгледување на говеда. Според последните публикации на Заводот за статистика од 2019 година во Македонија се одгледувале 684,558 грла на овци. Дополнително, за истата година овчарите имаат произведено 35 милиони литри млеко, 3,4 илјади тони месо и 843 илјади килограми волна.
Земјоделските стопанства што одгледуваат овци во зависност од потребата на пазарот, историски гледано, го менувале својот принцип на работа, односно примарното производство било на млеко или месо. Исто така, во Македонија имаме застапено и два вида на системи за одгледување и тоа: пасишен и шталски систем. Во поново време поради намалена површина на пасишта се повеќе сточарите се фокусираат на шталско одгледување на овци кој подразбира избор на сорти прилагодени на овој систем на одгледување и исполнување на сите параметри кои што се потребни на овците за да се искористи нивниот максимален потенцијал.
За таа цел во овој едукативен текст ќе се фокусираме на опис на најпопуларните раси на овци кои што се одгледуваат во Македонија, односно асаф, праменка, романовска, илде франс, аваси, туркана и источно фризиска раса.
Асаф (Assaf)
Асаф е раса на овци која што потекнува од Израел и претставува комбинација од Аваси и Источно фризиската раса. Одгледувањето на оваа раса е со двојна намена за месо и млеко. Целта на вкрстувањето на погоренаведените раси е за да се зголеми фекундитетот на Аваси раста, односно да се зголеми потенцијалот за добивање на јагниња. И машките и женските единки имаат само бела боја и на годишно ниво може да даде околу 450 литри. Денеска се одгледува скоро во целиот свет и популарноста на оваа раса се повеќе се зголемува.
Праменка
Праменка е автохтона домашна овца која некогаш била распространета низ цела Европа, а сега е најзастапена во земјите од Балканот. Праменка е овца со доцно зреење и скромни услови за размножување, како и отпорна на болести. Со векови се одгледувале во ридски и планински области. Од средината на 20 век во Југославија, праменката се одгледувала со високопродуктивни раси овци со цел да ги подобри своите производни вредности. Праменка има долга и тесна глава, покриена со коса, карактеристична за овие соеви. Повеќето овци се шути, додека овните обично се со рогови. Можат да бидат со долг и краток опаш. Оваа овца е именувана по изразените нишки кои се зашилени, долги и груби. Сите соеви на праменка целосно созреваат на 16-18 месеци, а својот раст го завршуваат на возраст од 3-4 години. Во просек имаат тежина помеѓу 30 и 60 килограми и даваат релативно мала количина на млеко од 40 до 100 литри млеко, во зависност од исхраната. Имаат висока плодност и новородените јагниња се отпорни со многу низок морталитет.
Романовска
Потекнува од Русија, поточно од долината на реката Волга во средината на 19 век. Името го добила по округот Романово-Борисоглебск, околу денешниот град Тутаев. Уште на самиот почеток селекцијата на овците се вршела за зголемување на плодноста, па последицата од таа селекција е дека се убедливо најплодната раса овци. Просечната плодност на романовската овца е околу 260% по јагне (додека со одлична исхрана е над 400%). Овие овци, исто така, имаат изразена полицикличност, што значи дека со правилна исхрана, циклусот на јагнење може да се постигне природно за само шест месеци. Имаат помали димензии за разлика од другите раси на овци, со тоа и помала тежина. Волната е груба си со сива боја и дава до 1,6 килограми волна. Во периодот на лактација од 100 дена, овците произведуваат од 100 до 150 литри на млеко. Врз основа на овие квалитети, расата масовно се увезувала во балканските земји и се укрстувала со домашни раси на овци.
Илде Франс (Ile-de France)
Стара раса на овци (1830 година) создадена преку вкрстување на сортите Лестер и Рамбуе. Се одгледува првенствено за месо, но во некои области се одгледува и за млеко. Имаат правоаголно тело со длабоки гради и бела волна. Тежината се движи од 65-70 килограми и дава од 4 до 6 килограми волна. Има огромна приспособувачка моќ да вирее во различни услови со голем процент на плодност (180-200%).
Аваси (Awassi)
Аваси расата потекнува од сириско-арабската пустина со карактеристичен задебелен опаш и разновидност во бојата на волната. Првенствено се одгледува за млеко, но може да се одгледува за волна и месо. Имаат многу добри генетски карактеристики што ги прави отпорни на паразити и болести, можат да поминат големи дистанци при паша и можат да издржат големи температурни разлики. За време на лактацискиот период можат да дадат над 300 литри млеко.
Туркана
Раса која што се одгледува за млеко, месо и волна. Една од најпопуларните раси во Романија. Поради супериорната адаптација за чување на планински места оваа раса е наречена “Кралица на планините”. Имаат дебел подслој на крзно кој може да биде бел, сив или црн. Тежината им се движи од 60 до 80 килограми и даваат од 2 до 3.5 килограми на фино крзно (дебелина од 35 микрони) што го прави погодно за во текстилната индустрија.
Источно фризиска раса
Потекнува од северните области на Германија (Источна Фризија) и е една од најдобрите раси на овци за млеко. Релативно млада раса која што се создала во 90-тите години од минатиот век. Може да произведе во просек од 300 до 600 литри на млеко, но постојат случаи каде што оваа раса со правилна и квалитетна исхрана може да достигне и до 900 литри млеко за време на еден лактациски период. Овие овци имаат розов нос и без волна на нозете и главата. Најкарактеристична одлика на оваа раса е нивниот опаш кој има изглед на опаш од глувци, односно е тенок без влакна. Имаат просечна тежина од 70 до 90 килограми и даваат од 4 до 5 килограми волна.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.