Колку земјоделците дале пари за осигурување и колку штети биле исплатени од осигурителните компании?

Колку земјоделците дале пари за осигурување и колку штети биле исплатени од осигурителните компании?

 

Земјоделците вкупно инвестирале 8 милиони евра во осигурителни полиси во 2020-та, а во истата година како резултат на штети осигурителните компании исплатиле вкупно 5 милиони евра за полиси за осигурување на имот вклучувајќи ги и земјоделците.

Земјоделците според извештајот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на 2020 година во помал обем решиле да го осигураат нивниот имот, односно да ги заштитат посевите во однос на претходната година, но не сите параметри се негативни во земјоделскиот сектор.

Воопшто пандемиската 2020 година бележи генерален пад на пазарот на осигурување, како на животно, така и на неживотно осигурување, вклучувајќи го и осигурувањето на имот. Во рамките на осигурување на имот, кај земјоделското осигурување се забележува намалување од 1,37% на вкупниот број на склучени договори во 2020 година во однос на 2019 година.

Но, од друга страна се бележи раст од 24,81% на остварената бруто пласирана полиса за земјоделско осигурување која изнесува 482,53 милиони денари или речиси 8 милиони денари. Во 2019 година пред кризата БПП изнесувала 386,63 милиони денари или околу 6,3 милиони евра. Најголемо учество во БПП покрај задолжителното и доброволното осигурување од автоодговорност, има осигурувањето на имот со 18,48% или за 1,73% повеќе од годината претходно.

Друштвата за осигурување во 2020 година исплатиле бруто – износ на штети од 4 милијарди денари, односно исплатиле 65 милиони евра. Во структурата на бруто исплатени штети, најголемо учество имаат штетите за автоодговорност со 46,95%, потоа следуваат штетите за имотно осигурување со учество од 15,73%, исплатените штети за каско осигурување на моторните возила со 12,08%, штетите за осигурување од незгода со 9,91% и 15,33% се исплатени штети во останатите класи на осигурување. Во делот на осигурувањето на имот, значајно место зазема земјоделското осигурување со учество од 50,29% и со вкупно исплатени штети од 316,85 милиони денари или нешто над 5 милиони евра.

Kaj осигурувањето на имот се забележува пораст од 4,97% со БПП 1,86 милијарди денари (2019: 1,77 милијарди денари), при истовремен раст на бројот на склучени договори од 3,75%. Анализирајќи по групи, кај физичките лица евидентиран е раст од 1,91% на склучените договори, проследен со зголемување од 4,49% на БПП, додека пак кај правните лица има пораст од 9,81% на склучените договори и зголемување од 5,73% на БПП.

Очекувано во 2020 година најголем раст има кај здравственото осигурување од дури 35%. 

Земјоделството како стопанска дејност во Македонија во 2020 година учествува со 8,6 % во вкупниот бруто домашен производ на земјата. Околу половина од вкупната територија е земјоделско земјиште, каде преовладува растителното производство. Како единствено решение на долг рок, за намалување на последиците од климатските непогоди, е државата да имплементира исклучително квалитетен проект за земјоделско осигурување, сметаат од АСО.

Затоа во март беше најавено воспоставување на земјоделски осигурителен пул за воспоставување на одржлив систем за заштита на земјоделците од катастрофалните временски непогоди.

Почетокот на активностите беа најавени како дел од спроведувањето на проектот InsuResilience Solution Fund Project кој е регионален, а чии носители се Владата, Министерството за земјоделство и Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Агро Бизнис, Вести