Одржан координативен онлајн состанок со Секторска работна група за земјоделство и рурален развој

Одржан координативен онлајн состанок со Секторска работна група за земјоделство и рурален развој

 

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, одржаа координативен онлајн состанок со Секторска работна група за програмирање на Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА) во областа на земјоделството и руралниот развој.

Вицепремиерот за европски прашања и Национален ИПА координатор, Маричиќ, на состанокот ја потенцираше дека секторските групи треба да ги имаат предвид реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ, планирани во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, како најсеопфатен национален стратешки и програмски документ за водење на процесот на европска интеграција, како и Националниот план за развој кој е во тек и Програмата за економски реформи, за на овој начин донаторската координација да се насочи во служба на националните приоритети.

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на состанокот рече дека имплементацијата на ИПА II е голема успешна приказна, за што показател се реализираните проекти. Дополнително истакна дека програмирањето на активностите на ИПА III е насочено кон тоа да биде поефикасно и пофлексибилно.

-Веќе се работи на подобрување на имплементацијата на постојното законодавство, да се поттикнат потребните инвестиции, што е важно и за подобрување на одржливоста на земјоделското производство. Имаме  значителен напредок во усогласувањето со барањата на ЕУ, усвоена е потребната стратешка и правна рамка. Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 година и Националната програма за периодот од 2018-2022 година, на јасен и специфичен начин ја покажува посветеноста на Министерството за постигнување значителен напредок во областа на земјоделството и руралниот развој, земајќи ги елементите на соодветна политика за земјоделствот на Европската Унија, рече Николовски.

Вицепремиерот Маричиќ во текот на состанокот се осврна и на новите иницијативи и програми што се на располагање, со фокус на Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион, попозната како EUSAIR, како и на новите транснационални програми Interreg Euro-Med и Interreg Adrion.

Додавањето на макро-регионална и територијална соработка во фокусот на Секторската работна група секако ќе придонесе во општите напори за издигнување на работата на механизмите за координација на повисоко ниво. Проширувањето на дискусиите за она што е во центарот на вниманието на програмите за територијална соработка, или дополнително ќе се понуди преку овие програми на нашата земја, ќе ја диверзифицира интеракцијата помеѓу различните нивоа на планирање, со што ќе донесе дополнително усогласување и синергија со политиките на ЕУ во оваа област, заклучи Маричиќ.

 

Категории: Вести