Лепиткова: Еколошката такса е неправична, не може сите исто да се казнуваат
Опозицијата смета дека новата еколошка такса која власта сака да ја усвои ќе биде неправична, бидејќи за загадувањето од нафтените деривати ќе плаќаат сите, и тие кои не се директни загадувачи.
На вчерашната трибина на ВМРО-ДПМНЕ на тема екологија експертот за животна средина Соња Лепиткова говореше за причините зошто не смее да се воведе еколошка такса подеднакво за сите. И за загадувачите и за незагадувачите.
– Граѓаните треба да се казнуваат за животната средина но, и треба да се наградуваат. Не смее сите граѓани во државата да се казнуваат подеднакво. Такво правило е штетно и неправично. Затоа ВМРО-ДПМНЕ на таа тема ќе дебатира, а не на инает и популизам, изјави Лепиткова.
Ставот на министерот за финансии Фатмир Бесими е дека таксата за екологија ќе се искористи за зелената агенда и дека нема причина да се гледа како на кризен данок или пак, неправедна давачка, бидејќи има се поголем консензус за предлогот.