Лозарите најавија протест ако нема решение за откуп на грозјето

Лозарите најавија протест ако нема решение за откуп на грозјето

Лозарите побараа најдоцна до денеска наутро да се реши проблемот со откупот на грозје и со шеќерните единици. Тие бараат Министерството за земјоделство и Владата да издејствуваат од винарските визби смедеревката да се откупува по 11 денари за килограм, а картошијата по 13 денари, во согласност со утврдените критериуми во ценовникот,  што пред некој ден го објави најголемата винарница „Тиквеш“.

Лозарите на социјалните мрежи го споделуваат ценовникот на „Тиквеш“ за оваа година, според кој кратошијата и вранецот со шеќерност од 18,05 до 19,19 проценти ќе се откупува по 12 денари и прашуваат зошто тогаш „Тиквеш“ им го враќа ако им е под 21 процент.

Од „Тиквеш“ соопштија дека поединци манипулираат со квалитетот на грозјето, така што тоа што сакаат да го продадат не одговара на мострите и дека винарницата нема да прави компромис со квалитетот.

„На незадоволните пет до шест поединци што синоќа го блокираа влезот во винарницата и со тоа го попречија откупот, а чие грозје не ги задоволуваше минималните критериуми за квалитет неопходен за производство на вино, раководството на „Тиквеш“ им понудени да им биде преземено за преработка во вински дестилат, при што им беше понудена соодветна цена од осум денари по килограм, која ќе им ги покриеше нивните основни трошоци. Но, и покрај тоа, ваквата понуда беше одбиена од нивна страна“, соопштија од „Тиквеш“.

По отстранувањето на барикадите од истуреното грозје пред портите на „Тиквеш“, оттаму известија дека продолжува откупот на грозје од оние кооперанти кои според утврдената динамика биле планирани и биле повикани да го предадат грозјето.

Министерот за земјоделство Аријанит Хоџа на вчерашната прес-конференција рече дека генерализирањето на лозарите не е коректно и, според него, настаните имаат политичка заднина. Тој рече дека во разговор со винарските визби издејствувал повисоки цели од лани и некои визби, особено големите, тоа го почитуваат, а дел не го почитуваат, за што веќе имале состанок.

– Јас уште еднаш ќе повторам дека според состојбата на терен и квалитетот на грозјето, нема да остане непродаден ниту еден килограм – рече Хоџа.