Мали златни зрна – богати со антиоксиданси и витамини

Мали златни зрна – богати со антиоксиданси и витамини

 

Пченката во почетокот на есента не потсетува на прошетките низ парк кога родителите ни купуваа печени кочани од уличните продавачи. Ако сакаме нешто поздрава варијанта, варената пченка е неизбежна во есен и со слаткиот вкус таа е замена за десерт. Често како деца сме додавале и шеќер за да биде послатка, но нутриционистите предупредуваат да ја избегнуваме оваа комбинација.

Пченката генерално има помалку хранливи состојки од пченицата, но сепак нуди неколку придобивки за организмот, особено ако се конзумира свежа, варена или замрзната, но не и конзервирана.

Пченката е богата со јаглехидрати, па затоа во многу национални кујни се консумира наместо леб. Иако навидум обична храна, овие мали златни зрна се богати со многу антиоксиданси и бројни хранливи материи кои се добри за вашето здравје.

Придобивки за организмот

Пченката е нискокалорична храна богата со растителни влакна, кои го намалуваат холестеролот во крвта и позитивно влијаат на работата на дигестивниот тракт. Исто така, растителните влакна го забрзуваат процесот на слабеење. Пченката содржи и фолна киселина која ги чува крвните садови, како и витамин Б1, кој е важен за подобра работа на мозокот. За разлика од другите житарки, пченката има помали количества микронутриенти (витамини и минерали), но сепак содржи: витамин Ц, А и Е, магнезиум, Б витамини, а има малку маснотии – помалку од еден грам во еден кочан.

Пченката има подобар антиоксидативен состав од другите житарки кој вклучува: ферулична киселина, антоцијанин, зеаксантин, лутеин, фитична киселина. За разлика од останатите типови, виолетовата пченка содржи многу повеќе антоцијанин.

Извор: Pixabay

Треба да се спомене дека помеѓу различните видови на пченка, шеќерната пченка има значително помалку скроб од останатите видови, а притоа има повеќе шеќери. Пченката е солиден протеински извор, иако има недостаток од повеќе есенцијални аминокиселини. Во зависност од видот, концентрацијата на протеини се движи од 10-15%.

Консумирање

Брашното од цело зрно пченка е богат извор на растителни влакна, антиоксиданти, витамини и минерали. Исто така содржи и определена количина на протеини и масти. Пченкарното масло се препорачува кај луѓе со прогресивна атеросклероза, бидејќи го намалува нивото на холестеролот.

Оваа житарка е особено погодна за луѓето со целијакија, односно глутенска интолерантност, бидејќи не содржи глутен.

Најпознатата пченка која се употребува во човековата исхрана е т.н. ,,шеќерна”, но постојат и други, како на пример онаа за добивање на пуканки. Од пченката се прави и палента, најразлични видови на мусли, чипсови итн.

Пуканките се сметаат за најздравите грицки, па така овој „оброк пченка“ може да се јаде како ужина или како замена за вечера.

Толку многу причини да ги јадете овие мали златни зрна.

пуканки

Извор: Pixabay

Нутритивни вредности за еден кочан со средна големина:

95 калории

вода – 73%

масти – 1 g

калиум – 163,24 mg

јаглехидрати – 18,67 g

диететски влакна – 2,1 g

шеќери – 4,04 g

протеини – 3,03 g

витамин А – 5 % ДВ

витамин Ц – 7 % ДВ

железо – 3 % ДВ

% дневна вредност  (ДВ) покажува колку нутриентот присутен во одредена количина на храна придонесува во дневната исхрана. Притоа, 2000 калории на ден се користи како генерална препорака во исхраната.

 

Извор: Pixabay

Категории: Здрава храна