Меѓународниот саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“

Меѓународниот саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“

 

Комората на органски производители и здружението „Живот“ Куманово по четврти пат го организираше Меѓународниот саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ во Куманово.

Своите производи на отворено во Куманово ги изложија 134 излагачи од Македонија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Косово, БиХ, Унгарија, Албанија и други држави. Пипер, домати, бадеми, слатки, зимница, вина, сокови, млечни и месни производи, мед, органска козметика, семиња, презентираа индивидуалните производители, но и фирми, задруги, сојузи.

На саемот се претставија голем број на индивидувални производители, фирми и компании, земјоделски задруги и сојузи со земјоделски производи, органска козметика, семиња, вино и др.

Горан Балески од Валандово, како претставник на задруга вели дека органските производи имаат сè поголем број потрошувачи. Во задругата има 14 субјекти што произведуваат органска храна и продукти, а меѓу нив органски бадем, мед, јапонско јаболко, вишна, калинка, маслинка, јаболко, компир, пиперка, тиква на површина од околу 50 хектари. Во задругата членуваат производители од Валандово, Дојран, Богданци, Куманово, Охрид, Скопје.

– Прилично млада задруга сме, но вака заеднички имаме поширока палета на производи, може полесно да се влезе на поголем пазар, вели Балески чие семејство одгледува органски бадем.

Континуирано расте бројот на излагачи, производители и компании што се презентираат на саемот, велат организаторите, и оценуваат дека тоа говори за сè поголемиот број производители, но и консументи на органски здрави продукти.

Покрај операторите со храна, на саемот учествуваа и компании што се занимаваат со производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехранбените производи, како и производители и увозници на препарати и ѓубрива за органско производство и механизација.

 

Категории: Вести