Министерот Хоџа на прес-конференција со отчет за сработеното во неговиот мандат – Задоволен од резултатите

Министерот Хоџа на прес-конференција со отчет за сработеното во неговиот мандат – Задоволен од резултатите

 

На прес-конфенерцијата што се одржа во големата сала на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, имаше свое обраќање министерот Арјанит Хоџа. Тој ги презентираше постигнатите резултати во текот на измината година.

„Јас кажав уште на самиот почеток, дека оваа функција ја сметам за голема чест. Да се води еден ваков комплексен сектор е голем предизвик, особено во услови на еден од најтешките периоди за државата, а тоа е пандемијата со вирусот Ковид – 19. Светската здравствена и економска криза имаше силен импакт врз земјоделскиот сектор на домашно и глобално ниво. Но, сепак и покрај сите предизвици горд сум на она што успеавме да го сработиме за овој краток период од една година“ изјави министерот Хоџа.

Тој дополни дека нашите развојни политики се усогласени со Заедничката земјоделска политика на Европската Унија како сигурен чекор кон развиено земјоделско производство. Нашата визија е да креираме профитабилно земјоделство и силно да влијаеме за интензивен рурален развој, што треба да креира атмосфера на задоволство и успех кај земјоделците и силен мотив кај младите кои својата иднина ја гледаат тука.

„Оваа измината година откако сум јас министер, направивме многу. Остваривме позитивни резултати во време на глобална криза. Искрено се надевам дека земјоделците ја препознаа мојата позиција – секогаш на нивна страна!

Секаде каде имаше проблем јас излегував на терен. Остварив безброј состаноци со производители и со откупувачи. Се залагав за баланс токму на таа релација производители – откупувачи, со една цел, сите да бидат задоволни вклучувајќи ја и државата“ потенцираше министерот Хоџа.

Тој се заблагодари на сите чинители на земјоделскиот сектор, на земјоделците и агробизнисмените, на неговиот тим и на вработените во МЗШВ. Посебна благодарност упати до медиумите за коректното известување во текот на изминатата една година од неговиот министерски мандат.

Воедно, на пресот беа најавени и натамошните работни активности. „Очекуваме Европската комисија да ја усвои новата ИПАРД Програма 2021-2027 за нашата држава, во декември оваа година. Веднаш потоа ќе биде објавен првиот јавен повик од ИПАРД III“ – изјави Хоџа.