Министерот Хоџа оствари билатерални средби со министрите за земјоделство на Република Турција и Република Азербејџан на AGROEKSPO 2021 во Измир

Министерот Хоџа оствари билатерални средби со министрите за земјоделство на Република Турција и Република Азербејџан на AGROEKSPO 2021 во Измир

 

Вчера, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, учествуваше на  Меѓународниот саем за земјоделство и сточарство AGROEXPO,  во Измир,Турција

Ова е најголемиот меѓународен саем во Турција и еден од четирите најголеми саеми за земјоделство во Европа. Саемскиот простор опфаќа површина од 337000 квадратни метри  на кои се распоредени 14 изложбени саемски хали. AGROEXPO 2021 се одржува по 16 – ти пат, во познатиот саемски комплекс FUAR IZMIR, и ќе трае до 27.06.2021.

Министерот Хоџа присуствуваше на свеченото отворање на AGROEXPO, на покана на  турскиот министер за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, кој во своето излагање упати посебна благодарност за присуството на македонската делегација. Турскиот министер изјави дека Турција е лидер во Европа по остваренот приход од земјоделството и  е меѓу десетте најдобри во светот. Тој потенцираше дека сега е време на големи одлуки за промена на навиките во земјоделското производство, во насока на поголема заштита на животната средина како една од мерките за заштита од климатските промени. За таа цел, турскиот министер најави дека од оваа година Турција започнува со производство на електрични трактори, а во тек се многу проекти за дигитализација во земјоделсото производство.

За време на посетата на Измир, министерот Хоџа остври билатералната средба со министерот за земјоделство на Република Турција, Бекир Пакдемирли на која се заблагодари за силната поддршка која МЗШВ ја добива од турското Министерство за земјоделство. Нивната поддршка е од големо значење за креирањето на нашите аграрни политики и мерки. За таа цел, во тек се неколку заеднички проекти. За време на средбата беше потенцирано дека аграрниот развој на нашата држава е дефинаран како заедничка цел.

Министерот Хоџа оствари билатерална средба со министерот за земјоделство на Република Азербејџан, Инам Каримов. Република Северна Македонија и Република Азербејџан немаат потпишано Спогодба или други документи за билатерална соработка во областа на земјоделството. Но, со оглед дека нашата држава реализира извоз на земјоделски производи во Азербејџан од кои најзастапен е тутунот, потребно е продлабочување на соработката помеѓу двете земји. Се очекува во следниот период да следат конкретни активности за потпишување на меморандум за соработка, со што ќе се отвори нов пазар за пласман на домашните земјоделски производи.