ЈАВЕН ПОВИК за доставување на барањa за користење на средства за реализација на Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2021 година
Согласно Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 90 /21), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објавува:
ЈАВЕН ПОВИК
за доставување на барањa за користење на средства за реализација на Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2021 година
I. ПРЕДМЕТ
Предмет на овој јавен повик е реализација на средствата утврдени согласно Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 307/20), раздел 14001 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, програма 3 – Земјоделство и рурален развој, потпрограма 30 Земјоделство, ставка 489 – Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации во износ од 25.000.000,00 денари кои ќе се користат за субвенционирање на проекти кои имаат за цел подобрување на пристапот до обработливи површини во подрачја на интензивна земјоделска дејност.
II. ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество на јавниот повик имаат центрите за развој на планските региони на територијата на Република Северна Македонија, регистрирани согласно Законот за рамномерен регионален развој.
III. УСЛОВИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ИСПОЛНАТ
За докажување на условите кои треба да се исполнат за учество на јавниот повик, понудувачите задолжително треба да ја достават следната документација:
– Барање за финансирање на проекти кои се опфатени со оваа програма;
– Предлог-проект со детална анализа, при што доколку има повеќе предлог-проекти тие треба да се означат со редослед за приоритет на финансирање;
– Финансиски план и рок на имплементација на проектот и
– Тековна состојба на барателот од Централен регистар на Република Северна Македонија.
IV. РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊА
Крајниот рок на доставување на барањата за финансирање е најдоцна до 10 мај 2021 година. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.
V. ИЗНОС НА СРЕДСТВА И ОДОБРУВАЊЕ НА БАРАЊА
Максималниот износ на средства предвиден за дел на овој јавен повик изнесува 6.500.000 денари од вредноста на прифатливите трошоци за проектот по корисник и тоа: трошоци за изведба и надзор на проекти кои ќе имаат за цел подобрување на патната инфраструктура во подрачјата со земјоделска дејност и обработливи површини. По завршување на проектот, до Министерството, задолжително се доставува комплетен финансиски извештај и наративен извештај за спроведената активност, најдоцна 15 дена по крајниот рок за имплементација на проектот. По поднесениот извештај, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ги исплати одобрените средства согласно договорите за финансирање.
VI. НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Барањето од Дел I на овој јавен повик се доставува во пополнето Барање за финансирање на проекти од областа на земјоделството и руралниот развој, кое се доставува во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на одговорното лице на субјектот. Еден корисник може да поднесе само едно барање за користење на средствата од оваа програма. Барањето со документацијата се доставува во затворен плик преку пошта на адреса: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ул. Аминта трети број 2, 1000 Скопје или со предавање во архивата на министерството секој работен ден 9.00 до 15.00 часот. На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВОРАЈ”, а под тоа „за јавен повик за доставување на барање за користење на средства за реализација на Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој“. Понудите кои нема да ги содржат бараните податоци на овој јавен повик, ќе се сметаат за некомплетни и нема да се разгледуваат. Барањето за финансирање на проекти од областа на земјоделството и руралниот развој може да се обезбеди преку интернет страната на министерството : www.mzsv.gov.mk.
VII. ПОСТАПКА И ОДОБРУВАЊЕ
Постапката за избор со предлогот за одобрување на барањето ја спроведува комисија формирана од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Постапката за избор ќе се спроведе и доколку на повикот има доставено само едно барање за реализација на средствата од Програмата за капитални трансфери за невладини организации од областа на земјоделството и руралниот развој. Барателите кои не доставиле уредна и комплетна документација нема да бидат утврдени во Листата на баратели. Изборот ќе се врши врз основа на критериумите за бодирање утврдени во програмта за капитални трансфери за невладини организации од областа на земјоделството и руралниот развој. По извршениот избор на баратели кои ќе бидат финансирани од оваа Програма, истите ќе бидат известени по писмен пат за денот на потпишување на Договор за финансирање кој ќе се склучи помеѓу корисникот на средствата и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Документи за преземање:
БАРАЊЕ за финансирање на проекти од областа на земјоделството и руралниот развој