Николовски: Со годинешната Програма за првпат се врши усогласување со политиките на Европската Унија

Николовски: Со годинешната Програма за првпат се врши усогласување со политиките на Европската Унија

 

 

Владата на  вчерашната седница ја усвои Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за оваа 2022 година. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, изјави дека новата Програма е производ на опсежни анализи на искористеноста на средствата, земајќи го предвид развојниот ефект на субвенциите и отстранувањето на можноста за нивна злоупотреба.

Со годинешната Програма за првпат се врши усогласување со политиките на Европската Унија преку воведување на пилот мерка во овоштарството за линеарна субвенција и авансна исплата на субвенциите за почеток за секторот овоштарство. Оваа мерка е по основ на европската мерка „decoupling“, која подразбира линеарна исплата за обработлива земјоделска површина независно од културата, објаснуваат од ова министерство.

„Новитет е што исплатата за оваа мерка ќе се врши во тековната година, во периодот од септември 2022 година до декември. Да биде појасно, сите овоштари ќе добијат авансно 12000 денари од вкупната сума колку што изнесува основната субвенција во тековната година, односно кога им се најпотребни во ек на берба, а остатокот од основната субвенција ќе се исплати следната година како и досега. На пример ако за еден хектар јаболков насад вкупната поддршка е 50000 денари, 12000 денари ќе му бидат исплатени авансно во тековната година, а остатокот од 38000 денари ќе се исплатат до месец мај следната година како и досега. Практично, со овој модел овоштарите ќе имаат две исплати“ изјави Николовски.

Додава дека ваквиот начин на субвенции согласно европските регулативи е предвидено следната 2023 година да се воведе и за останатите мерки по површина, односно за поледелство, градинарство и лозарство. За успешна реализација на овие мерки ќе се измени Законот за земјоделство и рурален развој, со кој ќе се овозможи на Платежната Агенција да врши 30 % авансна исплата, пред завршувањето на административните контроли и контролите на терен.

Усогласувањето со заедничката земјоделска политика на ЕУ, подразбира и промена на домашната законска регулатива. Поточно, ќе се донесат три клучни закони за усогласување на националните политики со политиките за земјоделство на ЕУ, односно Закон за директните плаќања, Закон за руралниот развој, Законот за уредување на пазарите.

Николовски посочи дека за да се добие прецизна слика за ефектот од субвенциите, годинава ќе се спроведе детална анализа, со вклучување на сите стручни и професионални капацитети кои ги има државата, од која ќе се добијат податоци за креирање на понатамошните земјоделски политики и за прв пат точно ќе се знае кои култури се стратешки и дали ќе има потреба за дополнително финансирање.

Поради посратот на трошоците за нафта кај земјоделските култури, во новата Програма е предвидено зголемување на финансиската поддршка за мерката зелена нафта.

Министерот Николовски потенцираше дека се воведуваат мерки со кои се спречува злоупотреба на субвенциите, нешто што беше воочено како слаба точка, целта е субвенциите да завршуваат кај вистинските земјоделци.

 

Извор: МИА

Категории: Вести