“Напредни лозари” – последен апел за спас на вранецот

“Напредни лозари” – последен апел за спас на вранецот

 

На последниот состанок на здружението “Напредни лозари” е одлучено да се побара помош од надлежните во локалната самоуправа и во Министерството за земјоделство за обезбедување на одредени количини на вода со кои што може да се спаси овогодинешниот род на виновата лоза. Ова се должи на екстремните временски услови (сушата) кои што беа карактеристични за изминатиот период.

„Двомесечната суша како природна временска непогода проследена со екстремно високи температури и отсуство на каков било атмосферски воден талог од една страна, и лошото менаџирање со постоечките капацитети за наводнување од страна на јавното водостопанско претпријатие од друга страна – доведоа до катастрофално тешки последици по лозовите насади. Особено беа погодени оние лозови насади до кои воопшто не стигна вода и оние лозови насади кои сеуште не се опфатени со хидромелиоративниот систем. Родот на овие лозови насади е 100 проценти уништен. До 60 отсто е намален и родот кај оние лозови насади кои добиле вода само еднаш, а такви ги има многу“, велат од Здружението.

Исто така, од страна на здружението, се апелира да се предвидат и дополнителни финансиски средства за обештетување на лозарите чиј што род настрадал за време на неповолните климатски периоди како и драстично намалување на цената за инсталирање на системи капка по капка.

„Не постои координација со останатите јавни претпријатија кои стопанисуваат со вода, како на пример со Јавното комунално претпријатие и ЈП Водостопанство. А не се огласија ни општинските центри за управување со кризи по ова прашање. Пред очите на граѓаните се случуваше парадокс – цистерни полни со вода, во најврелите денови да ги полеваат тревнатите површини во и надвор од градот, а родот на лозовите насади да се суши поради немање вода. Доколку постоеше координација, со дел од водените капацитети на овие иматели, во најкризните моменти можеше и да се спаси родот. Но за таква една работа не постоеше ни координациија, а ни слух како на локално, така и на републичко ниво“, нагласуваат од ,,Напредни лозари”.

 

Категории: Вести