Неизвесно е дали албанските берачи на јаболка ќе пристигнат во Преспа оваа сезона

Неизвесно е дали албанските берачи на јаболка ќе пристигнат во Преспа оваа сезона

  

Албанските берачи на јаболка кои сезонски доаѓаат во Преспа, оваа сезона бараат повисока дневница. Дневницата минатата година изнесувала од 1000 до 1200 денари, но сега тие бараат од 1500 до 1600 денари. Иако ова покачување не е огромно, загрижувачки е фактот што пазарната вредност на јаболката е драстично опадната што е резултат на овогодинешните штети од временските непогоди кои настанаа во јули.

-Оние јаболка кои не се зафатени од невремето и кои редовно се наводнуваа имаат добар квалитет, Но, за жал, поголем дел од јаболката, односно 50 до 70 отсто се оштетени од невремето, а и количествата се намалени. Оние кои се оштетени од градот одат за индустриска преработка и нивната цена е многу ниска се откупуваат за 1 до 1,5 денари за килограм. Бараме откупната цена на индустриското јаболко да биде од 3 до 4 денари за да можеме да ги покриеме трошоците за ѓубрива, препарати, работна рака…. вели за ВЕЧЕР овоштарот Здравко Лазаревски од Здружението на овоштари од Ресен.

Обично во просек се потребни од 1000 до 2000 сезонски берачи кои што од 20 септември до 1 ноември треба да го соберат родот.

-Поради недостатокот од работна сила албанските берачи годинава бараат од 1.500 до 1.600 денари дневница, но голем дел од производителите нема да можат да ги платат поради ниската цена на јаболката кои се оштетени од невремето. Од друга страна, поради короната некои се плашат да ги примат дома, бидејќи им нудиме сместување и храна и практично постојано сме со нив. Но, сепак албанските берачи се неопходни за оние кои имаат повеќе хектари со јаболка бидејќи не можат сами да ги оберат, додава Лазаревски.

 

Категории: Вести