Ниту една обработлива површина нема да остане незасеана – Храна и житни култури мора да има
„Предизвиците можат да бидат големи и далекусежни. Затоа сме максимално фокусирани да обезбедиме се што е потребно за стабилизирање на производството и непреченото засејување реколти за идната година. Наша задача е да бидеме подготвени и да понудиме решенија за сите проблеми. Критичната состојба во светското земјоделство значи внимателна подготовка на долгорочна стратегија. Пари се обезбедени за сите земјоделски гранки, простор за грижи нема да оставиме. Одиме стабилно и со план, во постапка на носење мерки кои ги бараат или предлагаат земјоделците“, рече ресорниот министер Љупчо Николовски на 10. сесија на Работна Група 1 – Земјоделство и рурален развој чиј домаќин е Националната конвенција за Европската Унија во Македонија (НКЕУ-МК).
Тема на сесијата годинава е „Земјоделско-прехранбените пазари и обезбедувањето со храна во контекст на тековната глобална криза”, а учествуваат и шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин, словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш, како и националниот координатор на НКЕУ-МК и професор на Филозофски факултет при УКИМ, Милева Ѓуровска.
Николовски се осврна на руско-украинскиот конфликт, како и на неговото влијание врз економијата.
„Конфликтот предизвика криза која неизбежно има влијание врз европската и светската економија. Како резултат на тоа имаме значително повисоки цени на стоките, особено гасот и нафтата, но и на цените на пченицата и сончогледот. Меѓу другото, тоа предзвика и дисбаланс на пазарот на храна на глобално ниво, прекинати трговски врски, ембарга, што доведуваат до поголема неизвесност и имаат влијание на довербата и на економскиот и на финансискиот план. Овие светски кризи уште еднаш ја потенцираат потребата од сериозни мерки за зголемување на домашното производство на замејоделско-прехранбени производи“, потенцираше министерот.
Во овој контекст, тој се осврна на интервентните, среднорочните и долгорочните мерки.
Потсети дека е подготвен „Национален план за производство на храна” чија цел е одржливо и зголемено производство на стратешките земјоделски култури. Во Планот е содржана Програмата за Интервентниот фонд со која засега се планирани 400 милиони денари за интервентни мерки за поддршка на земјоделците – за помали трошоци, одржливо производство и стабилен пазар на храна на основните земјоделско – прехранбени производи.
„Вкупно 210 милиони денари се за финансиска поддршка во поледелското производство, односно за интервентна субвенција за покривање на трошоците за набавка на вештачко ѓубриво, односно 4.000 денари по хектар дополнителна субвенција за вештачко ѓубриво добиваат производителите на пченка и пченица и 2500 денари по хектар производителите на јачмен и сончоглед“, повтори Николовски.
Вкупно 190 милиони денари преку Интервентниот фонд се за финансиска поддршка во сточарското производство, а има и нови мерки за поддршка на сточарите. Обезбедена е интервентна субвенција од 400 денари по грло за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет и интервентна субвенција од 1.500 денари по грло за гоеници со тежина над 90 килограми. Се воведува и нова интервентна субвенција во висина од 60 денари по несилка која се наоѓа на одгледувалиштето и е на возраст за производство на конзумни јајца.
„Дополнително, за да ги мотивираме земјоделците да го зголемат производството, направивме измени во Програмата за финансиска поддршка во земјоделство, со кои сите они кои ќе направат принос кај пченицата од над 4.000 тони по хектар или кај сончогледот од 1,5 тони по хектар, ќе добијат дополнителна субвенција од 5.760 денари по хектар. Со тоа ќе го поттикнеме домашното производство на овие стратешки култури. Преку Законот за земјоделство и рурален развој, воведуваме нова програма со која градиме систем според во кој градинките, училиштата, армијата, полицијата, ќе се снабдуваат со домашни производи и на овој начин ќе можат да помогнат во пласманот на вишокот земјоделски производи, додека преку мерките од Програмата за рурален развој дополнително се предвидени мерки кои ќе придонесат за зголемување на површините и приносите со поледелски култури“, посочи министерот.
Според него, ниту една обработлива површина не смее и нема да остане незасадена, особено не во вакви кризни времиња. Храна и житни култури мора да има. Затоа, во владина постапка влегува објавата на нов јавен оглас за доделување државно земјоделско земјиште под закуп, односно наменски оглас за земјиште наменето за производство на пченица, пченка, јачмен, сончоглед и добиточна храна, информира Николовски.
Ќе продолжи, додаде, и поддршката за есенска сеидба со дополнителни мерки – дополнителна поддршка за ѓубре за есенска сеидба, поддршка за „зелена нафта”, како и поддршка за користење сертифициран семенски материјал.
Во дебатата ќе бидат вклучени македонски и словачки експерти, универзитетски професори, претставници на земјоделски здруженија и асоцијации на фармери и други претставници на граѓанскиот сектор.