Одредување на степен на зрелост кај јаболката

Одредување на степен на зрелост кај јаболката

 

Без разлика дали јаболката е наменета директно за свежа употреба или ќе се складира за продажба на големо за преработка, одредувањето на оптималниот датум на берба е критичен за обезбедување на оптималниот квалитет на крајниот производ.

Прерано набраните јаболка ќе имаат недоволно обоена кора, намалено ниво на шеќери, преголема цврстина и зголемено ниво на киселини кои што ќе го намалат вкусот и можат да бидат склони кон физиолошки пореметувања во текот на складирањето. Доколку јаболката се наберат доцна, тие ќе се презреани што директно ќе го намали вкусот и ќе го зголеми процесот на омекнување, што подоцна ќе придонесе за зголемен развој на патогени и ќе го намали рокот на чување.

Постојат неколку методи за одредување на зрелоста на јаболката, но пред сето тоа да биде изведено од исклучителна важност е правилното земање на примероци. Јаболките кои што ќе бидат тестирани треба да бидат набрани од периферните делови на гранките (овие јаболка зреат побрзо отколку оние кои што се наоѓаат во внатрешноста), да бидат без видливи оштетувања од страна на болести и штетници и да имаат слична големина. Од едно дрво се берат по 2-3 јаболки во ист ден.

При процесот на созревање секогаш се присутни голем број на промени кои што се случуваат во плодот (промена на бојата, намалување на хлорофил, потемнување на семките, намалување на количината на скробот и преминување во попрости шеќери, испуштање на етилен и намалување на цврстината на самиот плод) и истите служат за одредување на степенот на зрелост.

Промена на бојата на кората

За црвените култивари ова е најчестата визуелна проверка која што е релативно лесна за изведување. За достигнување на правилна зрелост кај одредени култивари, како што е Ханикрисп, потребно е кората да има над 60% обоеност со црвени нијанси од целокупната површина на јаболката.

Промената на бојата може да се одреди и со многу поголема точност преку употреба на апарати кои што можат да ја измерат рефлексијата на хлорофилот кој е присутен во кората на јаболкото. Колку повеќе има хлорофил, толку понезрела е јаболката.

Овој рачен апарат (т.н. ДА мерач, односно мерач на разликата во абсорпција на светлина) има ЛЕД светилка која што директно се поставува на кората на јаболката. Зреењето на јаболката придонесува кон намалување на вредностите измерени со помош на ДА мерачот. За оние јаболка кои што се наменети за долготрајно складирање, вредностите обично треба да бидат помеѓу 0.60-0.70, додека пак за јаболката која што е наменета за директна продажба вредностите треба да бидат 0.35.

зрелост кај јаболката

Промена во цврстината на плодот

Општо познат факт е дека со зреењето плодовите стануваат сè помеки и помеки. Ова може да се провери со специјално направен пенетрометар, односно инструмент кој што ја мери силата која што е потребна за да се пробие внатрешноста (месото) на јаболката. За јаболката која што е наменета за долготрајно складирање силата која што треба да биде употребена преку пенетрометарот треба да изнесува околу 7 килограми, додека пак за јаболката која што е наменета за употреба во пократок рок, силата треба да изнесува околу 5,5 до 6 килограми.

Пенетрометар зрелост кај јаболката

Промена на нивото на скроб

Природен процес на метаболизмот на јаболката во периодот на созревање е трансформација на присутниот скроб во попрости шеќери. Со помош на скробот може да одреди степенот на зрелост на јаболката и тоа преку изведување на прост експеримент со помош на јод. Јодот го врзува присутниот скроб во јаболката и го бои во темно сина боја, додека шеќерите остануваат безбојни. Експериментот се изведува со помош на раствор од јод кој може да се купи во аптека. Со засечување на јаболката на половина и нанесување на растворот од јод на исечената површина, по две минути јодот реагира со скробот и соодветно го обојува. Секој култивар има посебна шема на обојување, односно посебен процес на трансформирање на скробот во шеќери. Обично при експеримент се оценува според индекс на обоеност кој се движи од 1 до 8, при што 1 е целосна обоеност, а 8 е јаболко без дамки (без присутност на скроб).

зрелост кај јаболката

Промени во нивото на шеќери

Како што беше претходно објаснето, со созревањето се зголемува нивото на шеќери кое што подоцна лесно може да се измери. Мерењето се врши со помош на рефрактометар, рачна направа која што може да бидне дигитална или пак да работи со помош на светлина. Првин треба да се истиска јаболковиот сок врз рефрактометарот и потоа да се прочитаат резултатите. Во случај на употреба на рефрактометар кој не е дигитален, потребно е читањето да се изврши мануелно и рефрактометарот да биде насочен кон извор на светлина. Јаболките кои што се спремни за берење треба да имаат вредност помеѓу 12 %  и 14 %, но секогаш треба да се земе предвид култиварот кој е предмет на тестирање, бидејќи различни култивари имаат различни концентрации на шеќери.

зрелост кај јаболката

Иако може да се користат различни методи во одредување на зрелоста на јаболката, сепак од најголемо значење треба да биде процесот на земање на репрезентативни примероци за точно одредување на зрелоста. Зреењето на јаболката е различно помеѓу два култивара, помеѓу два блока или помеѓу две полиња и потребен е поголем мониторинг за точно одредување на датумот на берба.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.