Перспективите на концептот на циркуларна биоекономија

Перспективите на концептот на циркуларна биоекономија

 

  • Потенцијалот на биобазирани решенија во енергетскиот сектор

Kонтинуираниот пораст на човековата популација доведува до потреба од зголемување на капацитетите на сите системи преку кои истата со снабдува со неопходните добра и услуги за секојдневно функционирање. Ова се однесува пред сѐ на индустријата како целина, транспортниот сектор и сите видови на постројки за производство на енергија или енергенси. Самото зголемување на нивните капацитети доведува до линеарно зголемување на конзумацијата на енергија во било која форма, потребните количини на појдовни суровини и оттука пораст на количините на генериран отпад и емитирани стакленички гасови. Како еден од начините за справување со негативните последици од големата експанзија на споменатите системи се јавува концептот на циркуларна биоекономија кој овозможува одржлив зелен развој и заштита на животната средина.

Циркуларната економија е модел на производство и користење на различни видови производи преку кој се врши значителна трансформација и унапредување на постоечката линеарна економија. За разлика од линеарната економија во која животниот век на даден производ се состои од процесите на обезбедување на суровини, производство, употреба или конзумација и фрлање на отпадот, циркуларната економија преку широк спектар на техники како што се рециклирање т.е. повторна употреба на суровините и  наоѓање на начини за пренамена на генерираниот отпад по употребата или пак од самите процеси на производство, овозможува значително подолготрајно и повеќекратно искористување на суровините во економијата. Со тоа драстично се намалува количеството на генерираниот отпад и емисијата на стакленички гасови, оптеретувањата на животната средина, а паралелно на тоа се обезбедува и рационална потрошувачка на суровини која пак од своја страна доведува до подолготрајно зачувување на природните и антропогените количини на истите.

Од друга страна, биоекономијата подразбира производство и експлоатација на природни и обновливи ресурси во земјоделството, сточарството, аквакултурата и биотехнологијата  кои на крај ќе бидат дирекно или индирекно конвертирани во храна, добиточна храна, индустриски посакувани суровини (биовлакна, биопластика и останати биоматеријали) , биомаса со потенцијал за производство на енергија и сл. Главната цел на биоекономијата е елиминација на зависноста на претходно споменатите системи од необновливите извори на енергија и суровини како што се фосилните горива и нафтените деривати, јагленот, природниот гас и нуклеарната енергија преку концептот на одржлив развој и примена на обновливи биолошки ресурси како алтернатива.

Циркуларната биоекономија како концепт претставува симбиоза на овие два модели, односно пристапи, која во својата суштина опфаќа режим на примена на обновливи биосуровини и ресурси кој им обезбедува максимален животен век, а истовремено го минимизира количеството на создаден отпад и емитирани стакленички гасови.

 

Извор: https://www.aimspress.com/

 

Еден од клучните елементи на концептот на циркуларната економија претставува производството на електрична енергија користејќи обновливи извори. Дополнително, претставува еден од начините кои водат кон излез од актуелната енергетска криза преку соодветна примена на соларната енергија, енергијата од ветерот, хидроенергијата, енергијата на плима и осека, геотермалната енергија и енергијата од биомаса. Енергијата добиена од обновливи извори претставува чиста, безбедна и ефикасна алтернатива, го намалува количеството на емитирани стакленички гасови и во одредени случаи овозможува енергетска автономија и независност од јавните електродристрибутивни мрежи. Токму од тие причини Европската Унија посветува огромно внимание и ресурси на производството на електрична енергија од обновливи извори во контекст на тенденцијата за постигнување на климатска неутралност (елиминација на антропогените фактори кои допринесуваат кон климатските промени) на континентално ниво до 2050 година како дел од големиот пакет на иницијативи и мерки наречен Европски Зелен Договор (European Green Deal).

Производството на електрична енергија од биомаса е една од главните практики на циркуларната биоекономија. Тоа подразбира генерирање на биогас од различни форми на биомаса (растенија и плодови, отпадна материја од агрикултурата и сточарството и слично) преку процес на анаеробна дигестија. Добиениот биогас се состои од: 50-75% метан, 25-45% јалгероден дикосид, 2-8% водена пареа траги на молекуларен кислород, азот и водород, водороден сулфид и амонијак. За споредба, природниот гас содржи 80-90% метан. Енергетскиот потенцијал на добиениот биогас зависи од концентрацијата на метан, а поголемите концентрации на метан во биогасот се посакувани. Присуството на водена пареа и јаглероден диоксид е неизбежно и негативните ефекти врз согорувањето кои произлегуваат од него успешно се минимизираат во проектирањето и оптимизацијата на постројките за генерирање на електрична енергија, а пак концентрацијата на сулфурни соединенија се сведува на минимум особено при употреба на биогасот во мотори на внатрешно согорување.

Просечната калориска вредност на биогасот се движи од 21-23.5 MJ/m3 така што 1m3 кореспондира со 0,5-0,6 L дизел гориво, или приближно 6 kWh.

Издашноста на постројките во поглед на волумен генериран биогас во најголема мерка зависи од видот на биомаса која се користи како суровина, температурата на анаеробна ферментација (дигестија), ретенционото време на биомасата и целокупниот дизајн на постројката.

Во продолжение е претставен типичен пример на постројка за производство на биогас како и примена на истиот.

 

Извор: https://balkanengineer.com/

 

Како еден од проектите финансирани од Европската Унија што промовира био-базирани одржливи решенија кои допринесуваат кон приближување до циркуларната биоекономија е проектот BioRural кој е дел од програмата за истражување и иновација Хоризонт Европа.

Крајната цел на овој проект е создавање на Европска мрежа за споделување на знаења, идеи и технолошки решенија помеѓу широк спектар на чинители од областите на земјоделството и производството на храна, аквакултурата, шумарството и производството на биоматеријали и биопроизводи. Преку детална  проценка на моменталната ситуација на Европската биоекономија и промовирање на успешни приказни за веќе  имплементирани одржливи биорешенија ќе се обезбеди цврста основа за развој и комерцијализација на современи технологии и нови практики базирани на циркуларната биоекономија.

 

Автор: Илија Поп Стефанија

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.