Потпишани договори за финансиска поддршка со сите осум Центри за развој на планските региони
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ги потпиша договорите со кои се доделува финансиска поддршка за развој на планските региони, во областа на земјоделството и руралниот развој.
Оваа година, потпишани се договори со сите осум Центри за развој на планските региони, за разлика од минатата година, кога беа потпишани само четири.
Вкупниот буџет изнесува 25 милиони денари, средства кои се обезбедени од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со овие средства, опфатени се 20 општини и ќе се финансира реконструкција на вкупно 29 локални патишта. Ова е најголем број на проекти откако постои имплементацијата на оваа програма.
Центрите имаат можност да реализираат инвестиции за подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба и реконструкција на пристапни патишта во подрачја со интензивна земјоделска дејност.
„Нашата цел е континуирано да создаваме услови за развој на селата. Силните аграрни политики со фокус на младите, нема да ги дадат резултатите доколку не ги подобриме условите. Има многу млади луѓе кои одбраа да останат на село и да продолжат да ја обработуваат земјата која им е дедовина, аманет и наследство. Има многу фармери кои изнајмуваат земјиште, ги развиваат своите аграрни проекти и придонесуваат за развој на земјоделството и подобрување на домашната економија. Доделувањето на средства за Центрите за развој на планските региони, е една од мерките која овозможува регионален развој и е поддршка на аграрните политики за развој на нашите села. Денеска сум особено задоволен, затоа што оваа година, ќе потпишеме договори со сите 8 плански региони, за разлика од минатата година, кога беа потпишани само четири“ изјави министерот Хоџа. Тој дополни дека Проектите за финансирање се одбираат согласно дефинирани критериуми во Програмата. Новитет кај критериумите за бодување е имплементираната препорака на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој во Северна Македонија“. Согласно препораката, планските региони се бодуваат според степенот на развиеност, како што е наведено во Одлуката за класификација на планските региони, според степенот на развиеноста за периодот 2018 до 2023 -та година. Истата е донесена од Владата на Република Северна Македонија, при што најмногу бодови добиваат најнеразвиените плански региони.
Потпишувањето на договорите за финансирање на проекти за подобрување на пристапот до обработливи површини во подрачја на интензивна земјоделска дејност, е овозможено преку Програмата за капитални субвенции.
Доделувањето на средства за Центрите за развој на планските региони, е една од мерките која овозможува регионален развој и е поддршка на аграрните политики за развој на нашите села, стои во соопштението на МЗШВ.