Анализа со проф. Сековска: „Каубојска“ распродажба на земјоделското земјиште ќе има страшни економски, социјални и еколошки последици
Предлог законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост може да предизвика тешки последици врз иднината на Македонија, смета професорката по Рурална економија Благица Сековска од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Проф. Сековска во одличната и бескомпромисна анализа за Моја Фарма потенцира дека со ваков закон се отвора простор за грабање на земја од поединци и странски корпорации кои потоа ќе може да ја контролираат цената на храната. Затоа постапката на носење на законот мора да ги вклучи директно стручната и академска фела, земјоделците и нивните здруженија, локалните акциони групи, како и сите засегнати страни. Со Сековска анализиравме и за последиците од немањето стратешки пристап и долгорочна визија како да се развива македонскиот аграр.
Моја Фарма: Периодов како да спласна дебатата околу нивото законско решение за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост. Дали стручната и академската фела е консултирана за предлог законот и кои се вашите сугестии?
Сековска: Поради многубројни забелешки на ЕНЕР страната каде беше ставен на јавна расправа Законот за продажба на државно земјоделско земјиште, како и по реакциите на граѓани, земјоделци, невладини организации и дел од стручната јавност тој беше повлечен за доработка. Што се случува понатаму, не ми е познато и нетрпеливо очекувам да видам какви корекции ќе следуваат. Стручната јавност незнам дали и колку беше консултирана. Знам дека Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство има академски совет во кој членуваат професори од УКИМ, но до сега јас не сретнав јавна реакција на темава од нивна страна. Лично јас, ниту сум била информирана, а уште помалку консултирана, иако сум професор по Рурална економија при УКИМ. Моите сугестии се дека МЗШВ треба да има многу сериозен и транспарентен пристап кон оваа многу осетлива тема и да организира јавни трибини и дебати на кои ќе бидат поканети сите заинтересирани и засегнати страни, како земјоделци, земјоделски здруженија, стручна јавност, бизнис заедница, невладини организации, ЛАГ-ови и сл. За жал, до сега такво нешто не е направено.
Моја Фарма: Дали ваквите измени ни делуваат како изненадување затоа што немаме соодветни долгорочни стратегии за развој на аграрниот сектор и кој модел е најсоодветен за максимално искористување на потенцијалот на обработливото земјоделско земјиште?
Сековска: За жал, во Македонија отсуствува конзистентна аграрна политика и долгорочна стратегија во земјоделството, бидејќи и овој сектор е жртва на партизација и носење на ад хок решенија во интерес на добивање ситни политички поени. Исто така, тука е и трендот на тотална распродажба на се што е државен имот, со цел задоволување на апетитите на олигархијата, блиска до владеачите елити во дадениот момент. Сето тоа се прави без план и програма, а уште помалку со некаква визија за иднината на државата. Земјоделството не е исклучок од таквиот “каубојски“ пристап на општа распродажба, а сето тоа е на штета на граѓаните, а особено на штета на идните генерации.
За да имаме релевантна анализа и да изведеме добри заклучоци мораме работите да ги ставиме во поширок контекст на она што се случува во светот и за она што го имаме кај нас. Светот се најдува пред големи глобални промени. Соочени сме со климатски промени, со големи миграциски движења, со пандемија која веќе не соочи со многу несовршености во системот во кој живееме. Во една таква надоаѓачка иднина храната и водата ќе бидат нешто многу скапоцено. Од друга страна пак, обработливото земјиште е лимитирано, а особено е лимитирано плодното земјоделско земјиште. Затоа, тоа (земјиштето) заедно со водата и шумите, треба да се третира како стратешки имот и многу домаќински да се стопанисува со истото. За да се даде одговор на прашањето кој и каков модел е најсоодветен, неопходна е сериозна анализа, со предвидување на идни промени, земање предвид на сите ризик фактори и воспоставување на соодветен модел. За жал, во нашава држава анализите и сериозниот стратешки приод отсуствуваат, но профитот за мал број на луѓе и брзото стигање до него (искористувањето на моментот и ситуацијата) се главни критериуми во “планирањето“. Како резултат на таквиот пристап, во кој главни водечки сили на политичките елите беа себичност и алчност, во Македонија во изминатите 30 години се случи тотално осиромашување на граѓаните и ненормално богатење на неколкумина. Последователните влади составени во најголем број од комбинација на трите партии ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не доведоа во ситуација да сме меѓу најсиромашните три држави во Европа. Исто така и корупција го зема својот данок (факт е дека во сите овие години сме во топ три земји во Европа според нивото на корупција). Да не говориме пак за тоа што теренот кај нас е пред се ридско-планински со исклучок на котлините, а во неколку големи региони на места кај што би очекувале да имаме земјоделско земиште имаме ерозија на почвата (пак како резултат на негрижа и нестратешки пристап). Значи имаме малку расположиво земјоделско земјиште од прва категорија споредено со некои други земји. Сите овие факти, во светло на предложениот закон, делуваат многу загрижувачки и создаваат страв за иднината.
Моја Фарма: Кои се клучните одредби од предлог законот кои може да предизвикаат најголеми штети на стратешките интереси на македонското земјоделство?
Сековска: Многу од одредбите на законот се спорни и загрижувачки, особено во светло на денешната реалност не само кај нас, но и во светот, но еве и поконкретно да ги анализираме. Заканите може да ги поделиме на 3 групи и тоа економски, еколошки и социјално-политички. Економските последици можат да бидат пораст на цените на храна, промена на производната структура во земјоделството, пренамената на земјоделското земјиште во градежно и дополнително осиромашување на населението, особено на руралното население.
Еколошките може да бидат сеча на шуми и дополнително зголемување на загадувањето во земјава, како и ограничен пристап или неможност за пристап на оттуѓените површини.
Социјално политичките може да бидат во нарушување на етничката, културната и социјалната слика во руралните заедници. Особено се загрижувачки одредбите за пренамена на земјоделското земјиште во градежно, како и можноста за продажба на земјиштето на странски компании и поединци.
За жал појавите на распродажба на земјиште стануваат тренд во светот, каде се купуваат огромни површини на земја. Оваа појава доби и свое име, многу неславно, но многу реално…се нарекува ‘land grabbing’ или грабање на земја. Ова име се користи за да се опише купување или на друг начин добивање на земја, на плодна земја, од јавни или приватни субјекти. Денес ваквите субјекти поседуваат милиони хектари на плодна земја ширум светот и оваа појава продолжува безмилосно да се шири по светот.
Значи светските искуства, од кои може да учиме, веќе имаат негативни искуства со такви капиталистички предатори и грабачи на земја, како и сите негативности кои можат да произлезат од истото. Најблискиот пример е Романија, чии фармери од 2008 година (откако започна светската економска криза) наваму се соочуваат со невидени проблеми. И за жал, сето тоа се случува легално, со амин на нивните влади, а под превезот на напредок и зголемен економски развој.
Значи да резимираме, земјоделското земјиште како основа за развој на земјоделство е значаен природен, но и СТРАТЕШКИ ресурс на секоја земја бидејќи тоа, пред се, значи производство на храна. Ако една земја има свое производство на храна, тоа значи и одредена контрола врз стандардот на населението. Кога во една земја имаме многу мали фармери, тоа значи развиен пазар врз основа на понуда и побарувачка и цените се формираат врз основа на таа нормална понуда и побарувачка, односно со природни пазарни законитости. Доколку големи инвеститори, а особено странски инвеститори, поседуваат голем процент од земјоделското земјиште, тоа може да доведе до создавање на големи монополи за производство на храна вон контрола на државата, а со самото тоа пореметување на пазарниот механизам и неконтролиран раст на цените на храна, а со самото тоа пад на стандардот на населението. Сопственикот може да го извезува целото производство, или може да произведува индустриски непрехрамбени култури, или може да ја рента земјата на локалните фармери по многу повисоки цени, што исто ќе поведе до пад на стандардот.
Ова, исто така, ќе има дополнителни импликации врз буџетот, бидејќи сите мерки што владата ќе ги аплицира, во вид на субвенции за земјоделците, ќе одат кај една корпорација која ќе има најголем дел од тој државен колач на мерки за поддршка на земјоделството и спиралата на осиромашување на малите земјоделци, како и на граѓаните ќе оди во недоглед, кога со наши пари, буџетски пари ќе одгледуваме монструм и/или монструми што преку контрола на цените дополнително ќе го тенчат џебот на граѓаните, преку многу поскапа потрошувачка кошничка.
Темава е многу комплексна и повеќеслојна и навистина е жално што стручната јавност недоволно, да не речам воопшто не е вклучена во оваа тема од животно значење.
Христијан Станоевиќ