(Видео) Продолжува ширењето на Африканската свинска чума – На што да внимаваат македонските производители?

(Видео) Продолжува ширењето на Африканската свинска чума – На што да внимаваат македонските производители?

 

Во Македонија одгледувањето на свињи претставува значајна стопанска гранка, па затоа треба и внимателно да се следи состојбата со ширењето на Африканската свинска чума. Според Државниот завод за статистика, во 2019 година во нашата држава се одгледувале 135.770 свињи. Иако во Македонија нема присуство на оваа заразна болест во последните неколку години, сепак мора да се потенцира сериозноста и ризикот кој го носи.

Африканската свинска чума (American swine fever – ASF) претставува високо заразна и често фатална болест на која се изложени  свињите од сите возрасти. Симптомите на оваа болест се појавуваат 4-5 дена од настанување на инфекцијата. Најчести препознатливи симптоми на оваа болест се отежнато дишење, повраќање, кашлање и помодрување на екстремитетите. Карактеристично за оваа болест е тоа што по појава на симптомите најчесто во рок од 7 дена предизвикува смрт. Свињите заразени од оваа болест се исцрпени, слаби и со изразени улцерации по кожата.

Африканската свинска чума претставува една од најопасните болести кај свињите и како резултат на ова при нејзина појава  во некоја држава најчесто резултира со мерки на прекин во извозот на свињи и производите од свинско месо. Важно е да се напомене дека болеста не претставува закана за човечкото здравје.

Според најновите истражувања извршени од страна на Европската агенција за безбедност на храна, најголем изворна контаминација и пренесување на вирусот претставуваат заразената сточна храна, адитивите за исхрана и возилата кои што служат за транспорт.

Причинител

Болеста е предизвикана од вирусот на африканската чума кој претставува ДНК вирус од фамилијата на Асвируси. Вирусот е екстремно резистентен,, неговата потентност не се намалува при дејство на сонцето, ниту пак при процесот на распаѓање на мртвите свињи. Може да се одржи во живот до 6 месеци во месо кое е во ладилник, а во замрзнато месо може да се задржи многу повеќе време.

изглед на вирусот асвирус

Извор: Philippe Le Mercier

Начин на пренесување

Инфекцијата се распространува во вид на аеросоли (ситни капки кои лебдат во воздухот) од свиња на свиња. Најчесто создадениот аеросол потекнува од фецесот (изметот) и телесните течности кои се исфрлаат од организмот како одговор на инфекцијата која што е настаната (слузење, кивање и кашлање). Вирусот може да биде пренесен од страна на вошки, крлежи и муви. Во крлежи од видот Ornithodorus може да преживее и до 4 години. Исто така, пренесување на вирусот може да биде како последица на лошо управување на самата фарма и тоа: директна инокулација (внесување) на вирусот преку заразени шприцеви, неправилно чистење на опремата за транспорт и во простории кои се неправилно дезинфицирани. Постојат и случаи каде што некои свињи не заболуваат од болеста, но го пренесуваат вирусот.

преносител на вирусот асвирус

Извор: Википедија

Клинички знаци

Африканската свинска чума претставува високо заразна болест, каде што инфекцијата се шири од единка на единка. Клиничките знаци настануваат 4-5 дена по остварување на инфекцијата и заразените единки се подложни на треска која се манифестира со отупување на сетилните органи, потешкотии во дишењето, повраќање, кашлање и создавање на исцедок од очите и носот, помодрување на екстремитетите и смрт во следните 7 дена. Кај спрасните свињи настанува абортирање на плодот. Хронично заболените свињи се исцрпени, ослабнати и со настанати улцерации по кожата. Како и сите други свински трески, и африканската треска се карактеризира со висока стапка на морбидитет пропратена со висока стапка на морталитет.

симптом на АСФ

Извор: Википедија

Посмртни лезии

Лезии се области на оштетување или ненормална појава во ткивата на организмите која е предизвикана од болест или траума. Честа појава при обдукција на труповите на мртвите свињи се помодрување на екстремитетите (цијаноза) и хеморагии (крварење). Внатрешното крварење е распространето по целото тело. Најчесто е присутно во пределот на белите дробови, срцето, црниот дроб, бубрезите и мочниот меур. Лимфните јазли може да бидат толку хеморагични (хеморагија-крвавење) што потсетуваат на дел од слезенка. Овие симптоми даваат доволно доказ за присуство на свинска треска, но со понатамошни испитувања треба да се одреди типот на вирусот.

Третман и превенција на болеста

Досега не постои третман за лечење од оваа болест. Постапките за превенција подразбираат колење на инфицираните свињи, уништување на труповите и целосна дезинфекција на објектите за производство. Исто така, доколку постои можност за присуство на вирусот во храната за добиток, истата храна се уништува или пак се стерилизира доколку треба да се исхрануваат здрави свињи. Постојат и вакцини и генетски модифицирани сорти на свињи кои се резистентни на овој вирус, но ниту еден од овие методи за контрола не се користат.

знаци за превенција

Знаци за превенција
Извор: Верум

Во прилог можете да го погледнете официјалното видео со македонски превод за Африканската свинска чума, изработено од Европската агенција за безбедност на храна.

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Сточарство