Пчеларите револтирани: Намалени приноси на мед како последица од употребата на пестициди и инсектициди
Пчеларите во Тетовско, покрај со климатските промени и зголемувањето на температурите, последниов период се соочуваат со уште една проблематика, која е причина за угинување на пчелите и намалување на приносите.
Тие посочуваат дека пестициди и инсектициди се користат во градинарството и овоштарството, па пчелите што пристигаат до цветовите на дрвјата и растенијата угинуваат поради присуството на ваквите средства за заштита.
– Поголеми труења на пчелите има поради зголемено присуство на пестициди во градинарство и овоштарството. Особено ова е изразено сега по појавата на некои нови сорти што се одгледуваат во Тетовско како малините. Таа култура значително се проширува на овоштарници, малината цвета подолг период, поточно постојано цвета и вади плодови, па со тоа е значајно медоносна. За да си го заштитат својот производ, одгледувачите ги прскаат, а пчелите контуниурано ги посетуваат токму поради тоа што е медоносна, објаснува Владимир Петровски од здружението на пчелари „Полошки мед“.
Угинувањето на пчелите го интензивира постојниот и тежок проблем на пчеларите – намалените приноси на мед.
– Според искуствата на пчеларите што се членови во здружението, карактеристичен пример е Брвеница. Таму порано имаше многу големи површини со овоштарници, но сега се драстично намалени. Нема многу прскање со пестициди и инсектициди, па пчеларите од Брвеница бележат најдобри резултати оваа година по собран мед од пчелни садници. Ако пчелите се отруени од тие средства, зависно од јачината, или угинуваат на самото место или се враќаат во кошницата, па таму може да ги отрујат останатите пчели, објаснува Петровски.
Неговиот колега од здружението на пчелари „Град на пчелите“, Дритон Дикена, вели дека дел угинати пчели се пратени на испитувања, при што е утврдено дека се користат и недозволени средства за третман на овошје и зеленчук за заштита од инсекти.
– Користени се пестициди и инсектициди што се одамна забранети. Затоа е потребно институциите повеќе да дејствуваат во контрола на оваа област. Ние сме свесни дека земјоделците треба да ги штитат своите приноси, но истото важи и за нас. Затоа предлагаме и поголема соработка на сите засегнати страни, земјоделци, пчелари и институции, вели Дритон Дикена.
Јуни и јули се месеците кога во Тетовско се собира приносот од работата на пчелите. Пчеларите во Тетовско периодов ги завршуваат работите за собирање на медот од пчелните семејства, за во август да започнат со подготовките за зимските месеци.
– Целиот Полошки Регион има потпросечен принос. Ако пред десетина и повеќе години имало по 20 килограми мед од еден сандак, сега просекот е околу десет килограми. Минатата 2020 година беше катастрофална, имавме по еден – два килограми. Причините се во климатските и нагли промени, сега фати топол бран од 40 степени, кога ништо не функционира, па исто така и пчелата и растението да пушта нектар. На растението му треба одредена влажност и температура и преку ден и преку ноќ, сè тоа да биде усогласено за да може да функционира. Шарпланинскиот предел од Тетово кон Јажинце годинава „промаши“ значително. Полошката Котлина помина добро, солидно, пример како Брвеница. Малку род на мед имаа и оние што чуваат сандаци покрај Вардар, кон планините Жеден и Сува Гора, објаснува Владимир Петровски.
Во Тетовско најмногу има багремов, ливадски и костенов мед. Најмногу баран, според искуствата на соговорниците, е костеновиот, кој се смета и за најквалитетен мед. Токму овој вид мед спаѓа меѓу оние што имаа многу мал принос.
– Една од причините да се почне во август со подготовки за зимата во Тетовско се токму проблемите со кои се соочуваме. Сега се прави неопходниот третман со „чадење“ против крлежот вароа што се јавува кај пчелите, се прави прихрана на пчелните семејства, како и спојување на слаби и силни друштва со пчели. Комплетирањето на едно пчелно семејство е обидот да се помине зимата и да се достигне што повеќе мед, објаснува Петровски.
Во државата има околу 242 илјади пчелни семејства, кои ги одгледуваат над шест илјади пчелари. Двете тетовски здруженија од 2019 година започнаа да организираат меѓународен натпревар за квалитет на мед.
Извор: МИА