Дали се сеќавате на млекарот со млекоматот – одлична бизнис идеја за нашите млекари

Дали се сеќавате на млекарот со млекоматот – одлична бизнис идеја за нашите млекари

Дали се сеќавате на млекарот кој го постави првиот млекомат во Србија? 

Милован Нинчиќ е прогресивниот земјоделец кој успеа да го привлече вниманието на пошироката јавност скоро на целиот Балкан со поставување на првиот автоматизиран апарат во Србија за продажба на свежо полномасно млеко без никакви адитиви и додатоци.  Причината за поставување на овој тип на делумно иновативна технологија е недостатокот на време, односно транспортот и продажбата на помали количини на млеко на повеќе стални потрошувачи.

Милован Нинчиќ со полна флаша свежо млеко

Но, со поставување на млекоматот, Милован ја дуплирал продажбата на млеко и дури ја зголемил цената по литар. Вкупната количина на млеко која ја собира во млекоматот изнесува 100 литри, количина која е доволна да ги задоволи дневните потреби на повеќе домаќинства. Принципот на работа на млекоматот е многу едноставен кој се состои од неколку елементи и тоа: резервоар со ладење за чување на млекото, оддел за дезинфекција на амбалажата, скенер за препознавање на банкноти и оддел за полнење на стаклената амбалажа со можност за бирање на амбалажа од 1 или 2 литри. 

Идејата за иновативниот начин на продажба на млеко ја добил од Италија, каде што биле поставени над две илјади вакви млекомати. 

Сега се поставува прашањето, зошто македонските млекари не го следат овој тренд, кој е докажан на две сосема различни места, односно и на европскиот пазар и на пазарот сличен на нашиот? 

Цената на еден ваков млекомат изнесува петнаесет илјади евра и поради големата побарувачка од страна на српските млекари, Милован Нинчиќ од 2021 година има создадено специјализирана фирма за увоз на ваков тип на земјоделска опрема, опрема која во Македонија може да биде субвенционирана од страна на државата или пак од ИПАРД фондовите. Поттикнувањето на ваков тип на идеи претставува дополнителен мотив за унапредување на земјоделските стопанства во нашата земја и создавање на оптимални услови за достапност на свежа и здрава храна на нашите трпези.

 

ФОТО: zlatibor.tv

Категории: Вести