Ребалансот конечно ќе ги исплати сточарите, тутунарите, овоштарите и млекарите

Ребалансот конечно ќе ги исплати сточарите, тутунарите, овоштарите и млекарите

 

Изгласувањето на ребалансот на буџетот во Собранието и формално овозможи репрограмирање на планот за исплата на субвенции за земјоделците, овоштарите, сточарите и фармерите.

Според владиниот предлог во новото кроење на буџетската каса, три милијарди денари повеќе или околу 50 милиони евра ќе се пренасочат кон субвенции за земјоделството и поддршка на руралниот развој.

Со планот за исплата на земјоделците најверојатно ќе се смират и тензиите кои беа присутни кај голем број на земјоделски здруженија кои организираа протести. Револтот на улиците беше резултат на доцнењето на првичниот краен рок од 30 јуни. Протести се одржаа на 12 јули на повеќе места претежно од сточари и овоштари кои се жалеа дека имаат високи трошоци кои им се непокриени и дека се на работ на пропаст на производството.

Затоа се очекува приоритет да им се даде на сточарите, особено на одгледувачите на овци. Потоа би следеле останатите сточарски гранки кои на почетокот на август би ги добиле средствата кои им следуваат.

Пари ќе има и за пчеларите, тутунарите кои исто така најавуваа масовни протести и блокади, потоа за овоштарите и за градинарски култури, а ќе има средства и за субвенционирана нафта за земјоделска механизација.

Исплати на заслужените субвенции очекуваат и млекарите за предадено млеко за кое исто така имаат големи потешкотии со ниски откупни цени и нерентабилност на бизнисите.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.