Реформите на ЗЗП – предизвиците за ЕУ во 2021 година

Реформите на ЗЗП – предизвиците за ЕУ во 2021 година

 

Како една од најочекуваните и најактуелни теми во 2021 година во земјоделско-прехранбениот сектор на ЕУ е долгонајавуваната реформа на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) по 2020 година. Со преземањето на претседателството со Европскиот совет на почетокот на оваа година, Португалија затекна многу отворени прашања поврзани со претстојните реформи во ЗЗП.

Што го одбележа агро-прехранбениот сектор на политичка сцена изминатата година?

Еден од најзначајните настани кој ја одбележа 2020 година во делот на земјоделската политика беше објавувањето на двете стратегии поврзани со Европскиот зелен договор: Стратегијата „Фарма до вилушка“ и Стратегијата за биодиверзитет од страна на Европската Комисија. Овие две стратегии се насочени кон олеснување на транзицијата кон зголемена одржливост на системите на храна и справување со клучните причинители за загубите во биодиверзитетот. Дел од целите предвидени со овие две стратегии кои треба да се постигнат до 2030 година се: намалување на употребата на пестициди за 50 %, намалување на употребата на ѓубрива за најмалку 20%,  намалување на продажбите на антимикробни средства  кои се користат за одгледување на животни и аквакултура за 50%, како и зголемување на земјоделските површини за органско производство за најмалку 25%.

Друга важна работа што ја одбележа минатата година беше започнувањето на трилатералните преговори, односно преговорите кои се одвиваат помеѓу Европската Комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент во врска со трите предлози на Европската Комисија за реформи на ЗЗП после 2020 година. Уште во 2018 година Eвропската комисија ги презентираше предлозите за реформите на ЗЗП, кои главно вклучуваат три промени во регулативата поврзана со:

  • Заедничката пазарна организација – имајќи ги предвид промените кои настанаа на заедничиот пазар (воведувањето на вето од Русија, нестабилноста на цените за млечните производи по укинување на квотите, екстремните климатски услови, болести кај животните);
  • националните стратешки планови на ЗЗП и
  • хоризонталната регулатива на ЗЗП (финансирање, управување и мониторинг на ЗЗП).

Во периодот од 2021 до 2027 година, ЕК предлага ЗЗП да биде поставена врз девет клучни цели, кои се во суштина општествени, економски и цели поврзани со животната средина. Овие девет цели се истовремено и основата врз која ЕУ земјите ги изработуваат националните стратешки планови поврзани со ЗЗП.

Комисијата е определена да одигра клучна улога во преговорите меѓу трите институции, како медијатор помеѓу ко-легислаторите и како предводник на напорите за поголема одржливост во согласност со целите на Европскиот Зелен договор.

Што се очекува во 2021 година?

Трилатералните преговори моментално се заглавени во однос на стратешките планови, еден од клучните аспекти на ЗЗП. Овие планови се многу важни бидејќи од нив зависи како секоја од земјите членки ќе ги исполни целите поставени во ЗЗП на национално ниво. Покрај тоа што секоја земја настојува да им излезе во пресрет на потребите на фармерите и руралните заедници во национални рамки, за ЕК е исклучително важно да се има предвид постојано придржување кон исполнување на целите на Европскиот зелен договор.

Други важни предизвици кои имаат важна позиција на агендата за реформите на ЗЗП се: постигнување усогласеност помеѓу ЗЗП и Стратегијата „Фарма до вилушка“, креирањето на ЗЗП која ќе биде базирана на резултати и поставување на систем за контролата врз остварувањето на резултатите; условеност на финансиската поддршка наместо досегашните концепти на „озеленување“ и „вкрстена усогласеност“, како и контролен систем за условеноста; еко шеми и дали ќе бидат од задолжителна или доброволна природа, воведување на кризен фонд и дефинициите од кои ќе зависи правото за остварување на одредени мерки.

Португалија отворено покажува волја за постигнување согласност со преговарачите во Европскиот парламент, а со тоа и затворање на преговорите за ЗЗП. Имајќи предвид дека транзицискиот период за актуелната ЗЗП истекува во 2022 година, а од земјите членки се очекува да ги усвојат националните стратегиски планови оваа година, сосема веројатно е дека ќе биде постигнат финален договор во следните месеци. Дури и во случај Европскиот парламент и Европскиот совет да не постигнат договор за време на претседателството на Португалија, тоа би било одложено за втората половина од оваа година, кога на чело на Советот ќе биде Словенија.

 

Автор: д-р Викторија Илиева

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.