Хоџа: Македонското јаболко ќе се извезува во Украина без царина

Хоџа: Македонското јаболко ќе се извезува во Украина без царина

 

Македонското јаболко ќе почне да се извезува во Украина без царина, најави  министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, на отварањето на Преспанскиот јаболкобер.

Хоџа посочи дека во брзо време ќе биде потпишан договор со Украина, со што ќе се отвори нов пазар важен за регионот, не само за јаболката, туку и за останатите земјоделски производи.

– Се отвора нов пазар. Ги завршивме преговорите со Украина и јаболкото во оваа земја ќе се пласира со нула % царина. Останува само техничкиот дел на потпишување на договорите, кој заради пандемијата не можеше да се реализира. Но тоа ќе биде набрзо и е значајно за овој регион не само за јаболката, туку и за другите производи – рече Хоџа. Министерот не очекува проблеми со пласманот на јаболката, нагласувајќи дека Владата ќе субвенционира по три денари за продаден килограм индустриско јаболко.

– Не очекуваме проблем во делот на пласманот на јаболкото. Проблемот се создава во делот на индустриското, од кое заради тешката година има поголеми количини. Заради тоа од Буџетот се одвоени по три денари за килограм за производителите за продадено индустриско јаболко – изјави Хоџа.

Иако не очекува проблем при откупот на јаболката, нагласи дека ако навистина има потреба за делување, ресорното Министерство и Владата ќе излезат во пресрет.