Согласно Законот за управување со пакување и отпад од пакување од 1 декември 2021 година се забранува пуштање на пластични кеси за НОСЕЊЕ НА СТОКИ за еднократна употреба на пазарот во Р. С. Македонија. Дозволено е пуштање на пазарот на територијата на државата само на биоразградливи кеси за носење на стоки што се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост објавени во Правилникот за стандардите за биоразградливост што треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција („Сл весник на РСМ“ 265/2021”).
За кои кеси се однесуваат овие одредби?
Пластични кеси за носење на стоки за кои се наплаќа надоместок од 15 денари и се задолжително биоразградливи се кесите што секојдневно се даваат на каса (на местото на продажба) при купување во мини маркети, супермаркети, гранапи, пиљарници, мали продавници за секојдневни намирници, пекарници, киосци, киосци за брза храна, зелени пазари, бензински станици со минимаркети.
Под биоразградливи се подразбира дека до 1 јуни 2023 може да се пласираат оксо-биоразградливи кеси (МКС 1009) кои беа од 2013 година задолжителни.
По 1 јуни 2023 задолжително се пласираат кеси кои се изработени од материјал кој може да се разгради (како и секој органски материјал од вода, јаглерод диоксид и биомаса -стандардМКС EN ISO 17556: 2020).
Многу лесните пластични кеси за носење на стоки се целосно забранети. Тоа се кесите чијашто дебелина е пониска од 15 микрони (оние кои се користеа за пакување/размерување на овошје и зеленчук на пример).
Пластични кеси за носење на стоки за кои не се однесува надоместокот од 15 денари и стандардите за биоразградливост се оние кои се даваат на потрошувачите на каса (на местото на продажба) во продавници каде се продаваат стоки што не се за секојдневна општа употреба како книги, облека, обувки, алати, електрична и електронска опрема, продавници за покуќнина, занаетчиски дуќани, за сувенири, уметнички галерии, за козметички производи, аптеки (земјоделски, за медицински помагала и сл.). Овие кеси се препорачува да бидат подебели (над 50) како би можеле да се употребуваат повеќекратно и да се отстранат во контејнерите за пластика (жолт контејнер) од каде би се однеле на рециклажа во локалните компании за рециклирање и кај самите производители на пластични кеси кои повторно од нив би направиле нови кеси.
Кесите за ѓубре не претставуваат кеси за носење на стоки и не се опфатени со овие мерки.
Идејата е во овие почетни мерки да се опфатат субјектите што тргуваат со стока за секојдневна широка и најмасовна потрошувачка, за подоцна да се примени и во останатите места за продажба.
Фото : www.nst.com