Временските услови ја одложија жетвата на ориз

Временските услови ја одложија жетвата на ориз

 

Поради временските услови, пред сè поради обилните врнежи во текот на октомври и присуството на вода во нивите, жетвените активности задоцнија околу еден месец. Исто така, земјоделските производители се пожалија и на недоволниот број комбајни и друга механизација.

-Досега жетвата на оризот во Кочанско е реализирана со околу 95 отсто, а според сегашната динамика очекуваме до почетокот на идната недела целосно да биде завршена. Приносот по хектар е нешто повисок од просечните 5,5 тони, но квалитетот на зрното е послаб од минатата година, што значи дека рандманот ќе биде под очекуваните 50 отсто. Негативно влијание врз вегетацијата на оризовото стебло имаа неповолните временски услови во периодот после сеидбата, но и тримесечниот период со натпросечно високи дневни температури во текот на летото. Сето тоа, заедно со високата влажност на почвата во текот на жетвата, придонесе за послаба реколта од минатогодишната, истакна Горан Миладинов, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани.

Послабиот квалитет на арпата, заедно со повисоката влажност на зрното, влијае и врз откупните цени, а во зависност од сортата, откупно-преработувачките претпријатија на земјоделските производители им исплаќаат меѓу 16 и 20 денари за килограм.

На површините во кочанската котлина пролетва со ориз беа засеани околу 4.200 хектари, од кои се очекува да се добијат над 23 илјади тони арпа.

Извор: MИА

Категории: Вести