Повик вреден осум милиони евра – можност за аплицирање за компании кои досега не користеле грант

Повик вреден осум милиони евра – можност за аплицирање за компании кои досега не користеле грант

 

На деветиот повик на ФИТР може да аплицираат сите претпријатија кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друга фирма и/или со установа која врши научно-истражувачка дејност.

Повикот вреден осум милион евра е за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации и е наменет само за компании кои не се тековни корисници на инструментите на ФИТР.

Аплицирањето е исклучиво онлајн и може да се аплицира до 15 октомври, а максималната поддршка за проектите ќе биде 20 милиони денари.

Ова е  најголем јавен повик на ФИТР годинава според обемот на обезбеден буџет за кофинансирање. Новина има кај механизмот за повраток на средства – доколку корисникот достави доказ за инвеститор кој вложил износ од најмалку 50 отсто од износот на финансиска поддршка доделена од Фондот, корисникот ќе биде ослободен од обврската за плаќање на ројалти.

Презентирајќи ги деталите кои, исто така, може да се прочитаат и на веб страницата на ФИТР, директорот Петров рече дека на повикот може да аплицираат трговски друштва основани согласно Законот и регистрирани во Централниот регистар.

Услов е и годишните приходи на апликантот да не надминуваат 10 десет милиони евра според финансиските извештаи за претходните две фискални години и други. Целосната листа на условите е објавена на веб страницата на Фондот.

-Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти со јасна комерцијална цел кои се во фаза на прототип, сѐ до преткомерцијална (претпазарна) фаза. Дел од активностите што ги поддржуваме се за истражување и развој, активности за тестирање, активности поврзани со заштита на интелектуална сопственост и други. Целосната листа е достапна на веб страната на Фондот. ФИТР и Владата активно работат на обезбедување нови работни места во приватниот сектор и затоа, во делот на трошоци кои се подобни, ќе бидат и средства за бруто плати за вработените лица кај апликантот и членовите на конзорциумот кои ќе бидат ангажирани на проектот, поддоговорни услуги за истражување и развој, ангажирање на експерти/советници за истражување и развој и други услуги и активности, објасни Петров.

Според него, преку овој инструмент Фондот обезбедува поддршка до 20 милиони денари и тоа: до 70 отсто финансирање од вкупниот буџет на проектот, за претпријатија чиј просечен број на вработени е до 50 вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од два милиона евра и до 60 проценто финансирање од вкупниот буџет на проектот, за претпријатија чиј просечен број на вработени е од 50 до 250 и чиј годишен приход во последните две години е поголем од два милиона, а помал од 10 милиони евра.

Покрај финансиската поддршка, на компаниите кои ќе аплицираат на овој јавен повик, Фондот повторно им нуди можност за дополнително финансирање преку партнерите: Стопанска Банка, Тутунска Банка, Шпаркасе Банка, Прокредит Банка, УниБанка и СилкРоуд Банка, со што на компаниите им се достапни кредитни производи и услуги по привилегирани пониски каматни стапки од редовните. Дополнително, на компаниите им се достапни кредитите за користење на клауд платформата на Amazon Web Services, во износ од 10.000, 25.000 и 100.000 американски долари.

Времетраењето на проектот за кој се доделени финансиски средства преку овој инструмент може да биде до 24 месеци.

-Процесот на евалуација на предлог проектите ќе се одвива во две фази: фаза на претселекција која се спроведува од страна на три домашни стручни лица по проект, две стручни лица од областите што соодветствуваат со критериумите за евалуација и едно лице од областа што соодветствува на предлог проектот. Во втората фаза, односно фазата на селекција се спроведува од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, кој ја донесува и финалната одлука за финансирање преку овој инструмент. Во однос на капацитетот на проектниот тим, би сакал да истакнам дека е задолжително минимум еден од членовите на проектниот тим да биде од областа на маркетинг и продажба, подвлече директорот на ФИТР.

 

Категории: Вести, Иновации