270 милиони луѓе ќе останат гладни, или за 40% повеќе од лани – растот на цените на храната го зема својот данок
Обединетите Нации, преку светската програма за храна (WFP) предупредиja дека милиони луѓе годинава би можеле да останат без оброци богати со хранливи материи, поради растот на цените на храната.
Главниот економист на WFP, Ариф Хусеин, изјави дека покрај конфликтите, климатските промени и Ковид 19 кризата – сега и цените на храната се приклучуваат на смртоносното трио. Ваквиот сплет на околности ќе втурне сè поголем број на луѓе во глад и сиромаштија. Ако сте семејство што веќе троши две третини од вашиот приход на храна, зголемувањето на цената на храната ќе биде голем проблем. Замислете што ќе значи тоа ако веќе сте изгубиле дел или целиот приход поради Ковид-19, додаде тој.
Покрај пандемијата, агенцијата со седиште во Рим соопшти дека климатските феномени, како што е Ла Нина, временските услови на Тихиот океан со далекусежни ефекти, исто така придонесуваат за покачување на цените. Во однос на регионите ширум светот, експертите на WFP регистрираа најголемо зголемување на цените на храната на Блискиот исток. Во Сирија, според WFP Market Monitor, просечната цена на маслото за јадење се зголеми за 58 проценти во периодот од март до мај во споредба со претходните три месеци. Во Либан, каде што владее сериозна економска криза, просечната цена на пченичното брашно порасна за 50 проценти за истиот споредлив период. Земјите во Африка, како Зимбабве и Мозамбик и во Јужна Америка, како Венецуела, исто така регистрираат пораст на цените на храната.
WFP предвидува дека 270 милиони луѓе ќе бидат гладни или ќе бидат изложени на висок ризик од глад во 2021 година. Тоа би претставувало зголемување за 40 проценти во однос на претходната година. Агенцијата, која ја доби Нобеловата награда за мир во 2020 година, истакнува дека нејзините напори за помош оваа година се најголеми во историјата на организацијата, а хуманитарните работници имаат за цел да стигнат до 139 милиони луѓе ширум светот.
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.