Откупени околу 16 500 тони од реколтата по просечна цена од 197 денари

Откупени околу 16 500 тони од реколтата по просечна цена од 197 денари

 

 

Откупот на тутунот тече непречено и според состојбите може да заврши пред законскиот рок, 31 март, изјави Љупчо Николовски министер за земјоделство. Тој при  доделување на договорите за земјоделците за земање под концесија на државното земјоделско земјиште, најави увид во состојбите и текот на откупот.

Како што изјави Николовски, досега се откупени околу 16 500 тони од реколтата по просечна цена од околу 197 денари.

-За околу 74 проценти од вкупно склучените договори за откуп на тутунот е веќе откупено производството. Досега се откупени околу 16 500 тони тутун од околу 22 000 тони за кои се склучени договори. Околу 94 проценти од откупеното е веќе исплатено. Просечната постигната цена е 196 до 197 денари за килограм тутун. Постојано сме во контакт со тутунопроизводителите. Во Прилепскиот регион и на два месеца пред официјалното завршување на откупот да направиме пресек. Податоците покажуваат дека откупот тече непрекинато, можно е да заврши и пред законскиот рок, изјави Николовски.

Министерот за земјоделство уверува дека остануваат со поддршката на тутунарите како и досега. На прашањето дека Сојузот на земјоделските здруженија бара средба при крајот на месецот за нови, повисоки цени за новата реколта и законски измени за рамноправност со откупувачите, Николовски ја потврдува поддршката за тутунарите и вели дека ќе ги слушне производителите.

-Постојано сме на теренот, ги слушаме тутунопроизводителите, вратите на Министерството се отворени, Владата креира законски промени, мерки и решенија за секој проблем за да ги олесниме административните процедури, за да дојдат повеќе пари кај тутунопроизводителите и да се грижиме за оваа традиционална земјоделска гранка во која се опфатени околу 30 000 семејства во земјава, рече Николовски.

 

Извор: МИА

Категории: Вести