Во Дубаи владина делегација ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија
Вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот Насер Нуредини присуствуваа на средбата со Стопанската комора на Дубаи на која беа презентирани можностите за инвестиции во производството, енергетиката, градежништвото, туризмот и земјоделството.
Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кои ја предводат владината делегација, која е во дводневна официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, вчера во седиштето на Стопанската комора на Дубаи остварија средба со претседателот и извршниот директор Хамад Буамим и потесниот менаџмент на комората.
На средбата присуствуваа и амбасадорот на нашата земја во ОАЕ, Абдулкадар Мемеди, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, како и претставници на четирите најголеми стопански комори: Антони Пешев (извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија), Трајан Ангелоски (претседател на Сојузот на стопански комори), Неби Хоџа (претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија) и Анета Антова Пешева (претседателка на МАСИТ), кои допатуваа во Дубаи, за промоција на нашата земја во рамките на свеченоста за Националниот ден на Северна Македонија на Експо Дубаи 2020 и за бизнис конференцијата која ќе се одржи денеска.
Стопанските комори се креатори на идеи кои нудат решенија за реалните проблеми на бизнисот, посочи вицепремиерот на почетокот на состанокот, а за време на состанокот ги презентираше и можностите за инвестирање во нашата земја при што истакна дека Македонија нуди навистина широка лепеза на мерки за поддршка за инвестиции во производството, енергетскиот сектор, земјоделството, градежништвото, туризмот, но и за заштита на животна средина во делот за фабрики за обработка на отпад, како дел од циркуларната економија.
„С. Македонија е веројатно земја со најдобри услови за водење на бизнис во Западен Балкан, но и пошироко. Имаме инструменти со кои ги поддржуваме компаниите да инвестираат во производствени погони и во земјата се застапени голем дел на компании кои се во синџирите за снабдување на големите меѓународни автомобилски компании. Со новиот Закон за енергетика и Стратегијата за развој на енергетика до 2040 година, отворивме широк фронт на инвестиции во обновливи извори на енергија, особено фотоволтаици и ветерни електрани, што на среден рок ќе обезбеди стабилно, еколошко и одржливо снабдување со електрична енергија. Гледаме можности за зголемување на соработката и во земјоделското производство, со оглед на тоа што Дубаи и Обединетите Арапски Емирати увезуваат околу 95% од потребите за храна. За унапредување на соработката во кој било сектор, би било од обостран интерес да се возобнови директната авионска линија Скопје-Дубаи“, потенцираше вицепремиерот Битиќи и упати покана официјална делегација од Стопанската комора да ја посети Македонија за да дознае повеќе за можностите за инвестирање.