„Напредни лозари”: Оваа година ќе се бараат драстично повисоки откупни цени за грозјето
Конечните решенија за нашите барања не смеат да чекаат до лето, до јули и август, туку треба да бидат дефинирани најдоцна до јуни, велат од здружението „Напредни лозари” по вчерашната средба во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тие разговарале, како што информираат, со заменик-министерот Трајан Димковски, а присутен бил и директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски.
-Претставниците од МЗШВ сериозно ги имаат разгледано сите наши барања и се заложија за нивно решавање. Општ заклучок од состанокот е дека почна процесот за решавање на проблемите, но потребно е време. Сепак, тоа не треба да биде подолго од два до три месеци, најдоцна до половината на јуни треба да се имаат решенијата. На состанокот се дискутираше одделно за секое наше барање и дополнително за уште неколку проблеми надвор од барањата, истакнуваат од „Напредни лозари”.
Според членовите на здружението, оваа година ќе се бараат нови, драстично повисоки откупни цени на грозјето.
-Во Законот за вино ќе бидат внесени и гарантирани дел од нашите барања. Во врска со неисплатените субвенции, директорот Бачовски информираше дека субвенции не им се исплатени на многу мал број производители, пред се на лица кај кои не се совпаѓаат пријавените со реалните површини на лозови насади, а разликите се од 10 до 100 проценти, што е утврдено од страна на надлежните од МЗШВ. Тие се уште се процесуираат. Димковски информираше дека е усвоена одлука за исплата на пријавените штети на лозовите насади од пролетниот мраз во 2016 година. Обесштетувањето ќе се изврши многу брзо, нагласуваат од „Напредни лозари”.
Состанокот во Министерството за земјоделство беше инициран со писмено барање од „Напредни Лозари” пред две недели.