Пречки кои ја ограничуваат трансформацијата на прехранбените системи и како да се надминат?

Пречки кои ја ограничуваат трансформацијата на прехранбените системи и како да се надминат?

 

Прехранбените системи се дефинираат како „интегрирана целина чиишто суштински својства произлегуваат од интеракција помеѓу нејзините делови“. Во поширока смисла под прехранбени системи се подразбираат сите сектори, засегнати страни, организации и дисциплини поврзани со храната, од примарно производство, преработка, до дистрибуција и малопродажба, потрошувачка и отпад, како и нивните меѓусебно поврзани активности. Систематско размислување е круцијално за да се разберат прехранбените системи, а и за решавање на ингерентно сложени проблеми.

Земајќи ја предвид моменталната глобална состојба, сите предвидувања за пораст на населението и недостиг на безбедна храна во иднина доведуваат до соочување со фактот дека прехранбените системи мора да бидат одржливи, отпорни, инклузивни, разновидни и конкурентни. Соочувајќи се со фактот дека ¾ од населението се жители на градовите и 80% од вкупното производство на храна се конзумира во урбани средини, несомнено е дека урбаните прехранбени системи треба да подлежат на трансформација.

Трансформација на прехранбени системи се дефинира како „процес на значајна промена во структурни, функционални и релациски аспекти од прехранбениот систем кои водат кон поправедни односи и побенигни модели на интеракции и резултати“.

За поддршка на трансформација на прехранбените системи, промената на правилата на пазарот преку реформирање на субвенции е клучна точка на потпора. Моментално, субвенциите од јавниот сектор претставуваат пречка во таа смисла поради тоа што повеќе се насочени кон неодржливи активности. Дополнително, поради соочување со инфлација предизвикана од повеќекратни кризи ваква поддршка би била од клучно значење за малите, локални земјоделци посебно во урбани средини.

Прехранбените системи

Пандемијата предизвика зголемување на цените на храната кои дополнително се зголемија поради војната помеѓу Русија и Украина. Конфликтот го наруши снабдувањето на храна со увоз од Русија и Украина, кои сочинуваат 12% од вкупните калории тргувани во светот, 73% од сончогледово масло и 30% од светското производство на пченица. Следствено, намалената количина на расположливи прехранбени ресурси ширум светот се претвора во инфлација. Од јуни до септември 2022 година, над 89% од најмалку развиените земји, 93% од земјите во развој без излез на море и 94% од земјите во развој на малите острови забележале инфлација на храната над 5%, што го истакнува влијанието на кризите. Овие земји често се потпираат на неколку земји извозници, што значи дека се директно погодени кога се намалува увозот. Луѓето кои се соочуваат со сиромаштија се секогаш најтешко погодени од поскапувањата на храната, бидејќи храната е неопходно средство за живот, а сега зазема голем дел од расположливиот финансиски буџет на едно семејство.

Климатските промени додаваат уште еден слој што дополнително ги влошува кризите со храна преку суши, поплави и екстремни температурни промени. Институционалните бариери, концентрацијата на сопственоста на земјиштето, слабото владеење, компромисите меѓу целите и нормите на однесување и општествените односи околу потрошувачката и исхраната се вообичаени бариери кои ја попречуваат трансформацијата.

Од таму се наметнува потребата за надминување на бариерите. Обединетите Нации воспоставија неколку полиња за интервенција: управување, бизнис и финансии, наука и технологија, индивидуална и колективна акција, градење капацитети.

  • Управување: Владите би требало да управуваат со поголема политичка волја и заинтересираност, донесување на реформи во политиките и промовирање на вклучување на целокупното мислење на населението.
  • Бизнис и финансии: Со зголемените инвестиции во истражување и развој на земјоделството и прифаќање на климатски паметни мерки може подобро да се справувиме со гладот, додека либерализацијата на трговија и субвенционирање значително би помагале во намалувањето на трошоците за храна.
  • Наука и технологија: Брзо и ефикасно усвојување на технологии кои го зголемуваат приносот и иновативните земјоделски практики е од суштинско значење.
  • Индивидуална и колективна акција: Трансформирањето на социјалните норми за поздрава и побезбедна исхрана е клучна, преку промовирање на подобрите навики, намалување на вишокот храна и купување на сезонска храна.
  • Градење капацитети: Развивањето на потребните способности е од витално значење за имплементација на стратегии, справување со неодржливите практики и управување со компромисите помеѓу безбедноста на храната и животната средина.

Наведените проблеми се токму фокус на проектот CITIES2030 („Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“) кој има главна цел да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век.

Проектот CITIES2030 со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.

 

Автор: Ангела Живачки

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.