Деновиве во постојан инспекциски надзор и интензивни инспекциски контроли на терен се инспекторите при Државниот инспекторат за земјоделство поради однесувањето на земјоделците на нивните ниви, затоа што овој период е карактеристичен со палење на земјоделско земјиште (стрништа) и предизвикување пожари.
Државниот инспекторат за земјоделство ги задолжи сите инспектори за земјоделство да вршат постојан инспекциски надзор, да се интезивираат инспекциските контроли, во поглед на користењето на земјоделското земјиште, со цел да се откријат лицата кои палат оган во близината на посевите, ги палат стрништата, или пак ги палат остатоците од разни земјоделски култури, со што потоа се предизвикува и пожар од помали и поголеми размери.
Од Инспекторатот информираат дека инспекторите секојдневно се на терен и од увидот е констатирано дека дел од земјоделците не ги почитуваат законските одредби и биле затекнати во ниви каде што имало запалено оган.
Инспекторите оваа година имаат извршено над триесетина контроли на терен и издадени се 7 платни налози, од кои поголемиот број се во Кочанско. Минатата година од почетокот на годината до месец март биле извршени повеќе од 52 контроли и издадени се 2 платни налози. Од септември 2020 до крајот на годината извршени се 155 контроли, а само во Кочанскиот регион издадени се дваесетина платни налози. Во 2019 година инспекторите направиле 452 контроли на површина од околу 270 ха, изготвени се записници и во постапка за порамнување издадени се 43 платни налози, бидејќи еден дел не се платени и се за непознат сторител, поднесени се 11 барања за поведување прекршочна постапка до Прекршочна комисија.
Против сторителите кои се затекнати на лице место се поднесуваат прекршочни пријави и им се издаваат налози за плаќање парична глоба. Според Законот за земјоделско земјиште (Сл. весник на РМ 135/07…39/16) , спротивно на член 46 од Законот за заштита од пожари, Корисниците на земјоделско земјиште се должни да спроведуваат мерки за заштита од пожари согласно со прописите за заштита од пожари, се забранува палење на оган во посевите, во стрништата и во нивна близина. Ако лицето пали оган, спротивно на чл. 46, висината на казната е различна, зависно од тоа дали станува збор за физички или правни лица и истата достигнува до 500 евра во денарска противвредност.
Оттаму посочуваат дека постојано при средби со земјоделците им се укажува дека со палењето на земјоделските остатоци, стрништата и слично се загадува воздухот и околината, а се загрозуваат објектите кои им се во непосредна близина или пак нивите што се засадени со други земјоделски култури, а на тој начин прават кривично дело. За таа цел, треба многу да се работи за подигање на свеста на земјдоделците дека со ваквите нивни постапки се загрозува животната средина и можноста од појава на пожари од поголеми размери. ДИЗ е во постојан контакт и соработува на овој план со единиците на локалната самоуправа и МВР.
Палењето на стрништата и сламата во последните неколку недели кога времето беше топло беше зачестено, особено во доцните попладневни и вечерните часови. Деновиве со оглед на влошување на временските услови, врнежите од дожд и снег ги спречија во нивната намера, но се очекува со подобрување на временските услови, земјоделците да продолжат со палење. Затоа од инспекторатот најавија засилени контроли во следниот период и ригорозни санкции за сите прекршители.