Како да примените интегрирана заштита од сивиот гроздов молец во лозарството?

Како да примените интегрирана заштита од сивиот гроздов молец во лозарството?

 

Интегрираната заштита претставува стратегија создадена врз основа на еден земјоделски екосистем, која се фокусира на долгорочна превенција од штетници или од штетите што ги причинуваат со помош на комбинација на техники како што се биолошката контрола, манипулација со живеалиштата, модификација на културните практики и употреба на отпорни сорти. Материјалите за контрола на штетници се избираат и се применуваат на начин што ги минимизира ризиците по здравјето на луѓето, корисните и ненаменски организми и животната средина.

Во заштитата на виновата лоза од особено значење претставува навремено преземање на превентивни мерки од кои што зависи квалитетот и квантитетот на крајниот принос. Големиот број на болести и штетници на виновата лоза ја прават заштитата комплексна и скапа. Но, ако правилно и навремено постапуваме со превентивните и ерадикативните мерки, можеме значително да ги намалиме негативните влијанија предизвикани од штетниците и болестите на виновата лоза.

Сивиот гроздов молец (Lobesia botrana) претставува сериозен штетник на виновата лоза и е распространет речиси насекаде. Освен винова лоза, напаѓа и маслинки, малини, капини, а може и да се најде и на листовите и цветовите од луцерка, детелина и компир. Во виновата лоза има тенденција да се задржува на оние сорти кои што имаат поголеми и позбиени соцветија, каде што влажноста е висока, а струењето на воздухот е минимално. Директните штети што ги причинува може значително да го намалат приносот, но од уште поголема важност се индиректните штети, односно создавање на поволни услови за развој на голем број на болести.

ИПМ методите кои што се користат за превенција од сивиот гроздов молец во производството на виновата лоза се покажале како супер ефективни и степенот на превенција на штети е сведен на минимум.  Правилната стратегија во интегрираната заштита од сивиот гроздов молец во текот на производството се состои од следниве методи:

Мониторинг со помош на феромонски стапици

Механизмот на функционирање на стапицита е следен: Во пластичната стапица со леплива материја се внесува сексуален женски хормон со кој што ги привлекува машките единки од штетниците. Една од главните предности на феромонските стапици е тоа што тие ја откриваат и следат реалната појава на дадениот штетник на одредена локација и во истата година, така што нема потреба од претпоставки за донесување на потребните одлуки за заштита на растенијата.

Сексуалниот феромон привлекува машки инсекти и се користи во фаза пред активирање на пупките од виновата лоза. Стапиците се поставуваат високо во крошната, по можност да бидат на повисоки места  (1.5 метри над земјата). Менувањето на мамките да се врши според препораките на производителот. Проверувајте ги стапици на неделно ниво, забележувајќи го бројот на фатени инсекти и отстранувајќи ги заробените молци од лепливото дно на стапицата. Потоа пресметајте ги неделните улови за да ги одредите почетоците од генерацијата и пиковите на машките летови во секоја генерација.

Економскиот праг на штетност според одредени извори изнесува 30 молци па се до 70 молци на неделно ниво по стапица.

Отстранување на долните листови за зголемување на проветреност на гроздови

При изведување на тековните агротехнички мерки потребно е да се направи простор за поголемо проветрување во зоната на гроздовите и чокотот. Тоа се постигнува со кинење на еден до два листа од ластарите кои се наоѓаат непосредно помеѓу гроздовите во периодот пред цветање. Оваа пракса единствено не се изведува доколку насадот има јужна експозиција. Дополнително, при изведување на оваа операција се препорачува и отстранување на плевелите во зоната на редот.

Механичко отстранување на оштетени гроздови

При првото утврдено присуство на штетникот во внатрешноста од гроздовите, потребно е да се изврши визуелна инспекција на останатите гроздови во самиот ред, како и во областата околу зафатениот грозд. При воочување на присуство од инсектот кој се наоѓа во фаза на ларва се врши механичко отстранување и уништување.

Примена на биоинсектицид на база на B.thuringiensis var kurstaki (Бтк)

Апликацијата на заштитни средства за првата генерација треба да се одвива 7-8 дена по утврдување на максималниот лет на инсектот. Биоинсектициди на база на Бацилус турингиенсис (Бт) се ефикасни во сузбивање на ларвите од 1-та генерација на сивиот гроздов молец. Бтк е група на бактерии кои се користат како биолошки контролни агенси против редот Пеперутки (Лепидоптера). Бтк, заедно со другите продукти на база на Бт, е еден од најчесто користените биолошки пестициди заради својата висока специфичност; односно ефикасност против пеперутки со мало или без никакво влијание врз другите видови инсекти.

Примена на феромони за сексуално збунување

Ослободувањето на големи количини на синтетички женски феромон во културите (насади, посеви, објекти) се користи за спречување на парењето и дава неверојатно ефикасни ефекти за контрола на голем број штетници. Сексуалното збунување, преку долгогодишни тестирања во Европа се докажале како доста успешни и доволни доколку имаме помала популација на сивиот гроздов молец. Исто така, за постигнување на успешни резултати се препорачува и широка поставеност на овие феромони по целата површина од насадот.

 

Автор: Марио Петковски

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Едукација