Зошто богомолките се корисни предатори и како помагаат во земјоделството?

Зошто богомолките се корисни предатори и како помагаат во земјоделството?

 

Богомолките се група на инсекти која брои околу 2200 видови меѓу кои најбројна и најраспространета фамилија е Mantidae. Имаат должина на телото обично меѓу 40 и 80 милиметри и најразновиден изглед во зависност од карактеристиките на екосистемот во кој живеат. Секогаш женките се поголеми од мажјаците. Во Македонија постојат четири вида на богомолки:

  • Mantis religiosa
  • Ameles heldreichii
  • Empusa fasciata
  • Iris oratoria

Оваа група на инсекти се сметаат за корисни предатори кои што можат да придонесат за полесно управување со штетници во едно земјоделско производство бидејќи се хранат со инсекти, други без‘рбетници, а исто така и заемно се јадат. Ловат исклучиво користејќи го сетилото за вид, па затоа се активни само во текот на денот. Имаат крупни и испапчени очи на страните од главата кои овозможуваат двоок вид (бинокуларен вид) што им дава способност за прецизна проценка на растојанието.

Група корисни инсекти

Empusa fasciata
Извор: Gideon Pisanty

Богомолките се корисни предатори 02

Ameles heldreichii
Извор: pyrgus.de

Богомолките се корисни предатори 03

Mantis religiosa
Извор: Alvesgaspar

Богомолките се корисни предатори 04

Iris oratoria
Извор: Tanja Popp

Генерално се хранат со членови од фамилијата артроподи и најчесто го ловат својот плен од заседа. Имаат способност за камуфлирање преку имитирање на одредени форми и бои кои што ја карактеризираат околината во која се наоѓаат.

Истата таа способност за камуфлирање им служи за поефективно ловење на други инсекти и за нивна заштита од други предатори кои се наоѓаат на повисокото место во синџирот на исхрана. Тие што живеат на еднобојни површини, како што е почва или пак кора на дрво, често имаат сплеснат облик за да ја намалат големината на нивната сенка и останат скоро невидливи, додека пак други имитираат форми и бои на цветови за да можат полесно да дојдат до пленот.

Во умерени климатски услови парењето на богомолките се одвива наесен. Во зависност од видот женските единки можат да положат од 10 до 400 јајца. Полагањето на јајцата се одвива во пенеста материја која е произведена од нивните жлезди, каде што подоцна пената се стврднува и настанува заштитна капсула и истата може да биде закачена на лист од растение, рамна површина или пак на површината од почвата. Најчесто јајцата се изведуваат од 3 до 6 недели.

Имаат три развојни фази (јајце, нимфа и адулт). Во последната фаза од нивниот развој поголемиот број видови богомолки имаат развиени крилја. Животниот век варира во зависност од нивната големина. Помалите видови живеат од 4 до 8 недели, додека пак поголемите видови живеат од 4 до 6 месеци.

Земјоделците кои сакаат да произведуваат органска храна или пак да ја намалат употребата на пестициди можат да ги употребуваат богомолките како дополнителна помош во управувањето со штетници. Тоа најчесто се прави преку заштита на богомолки на полето доколку се утврди нивната присутност или пак воведување на инсектот во самото поле доколку е заловен во близина. Но, сепак користењето на богомолките како сигурна метода во биолошката контрола на штетници не е изводливо бидејќи не се монофагни (нивната исхрана не се состои од само еден вид на штетник) и имаат ниска стапка на размножување што ги прави несоодветни при ситуации каде што имаме зголемено размножување на штетните инсекти во полето.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Едукација, Култури