Како ќе се обележува колку храната загадува и влијае на одржливоста?

Како ќе се обележува колку храната загадува и влијае на одржливоста?

 

Информациите за одржливост на прехранбените производи во претстојното усогласено обележување на предната страна  на производот – во голема мера ќе се потпираат на податоците собрани од производителите. Еколошкиот елемент е само еден фактор во сложениот процес на обележување на храната.

Европската комисија се очекува да претстави предлог за шема за обележување на храната ширум ЕУ на крајот на 2022 година. Оваа рамка ќе ги разгледа нутриционистичките аспекти корисни за поддршка на целите на јавното здравство, како и одржливите и социјалните елементи на прехранбените производи.

Оваа нова шема за етикетирање е меѓу иницијативите што ќе се насочат кон собирање податоци и постепено дигитализирање на синџирот на снабдување со храна, велат од Комисијата.

„Нашето време се карактеризира со дигитална револуција водена од податоци“, рече Александра Николакопулу, раководител на единицата за здравје и храна при Комисијата, додавајќи дека извршната власт на ЕУ ги разгледува како врвен приоритет не само податоците сами по себе, туку и низата на иновации кои доаѓаат заедно со податоците.

„На пример, потрошувачите ќе можат да изберат производ со помал јаглероден отпечаток врз основа на етикета и оваа ознака треба да се базира на податоци“, објасни таа.

Иако е важна област за истражување, одржливото обележување претставува одредена загриженост за Селија Нисенс, службеник за политика на невладината организација Европско биро за животна средина.

„Јас лично не сум сигурна дека одржливоста може да се сведе на само еден број или еден код во боја затоа што не станува збор само за тоа како се произведува храната, туку и колку јадеме“, рече таа.

Според неа, фокусирањето само на климатските стапки по единица производ може да резултира во промашување на поголема слика, правејќи превид на важните факти кои се повеќе поврзани со однесувањето на потрошувачите, а сепак имаат големо влијание врз животната средина.

„Употребата на податоци е чекор напред, но тоа е само средство за да се постигне целта, а не самата цел“, додаде Нисенс.

Трговците на мало и производителите на храна во Европа се пионери во креирање нови етикети кои го покажуваат влијанието на храната врз животната средина на едноставен начин, како што е т.н. Еко-ознака, што во основа го следи изгледот на француската Нутри-ознака, кодирана во боја.

„Важноста на она што јас би го нарекол „обележување на јаглеродот“ е тоа што всушност им помага на потрошувачите да изберат, но треба да биде водено од податоци и да се заснова на наука за да се создадат еднакви услови за игра“, рече Питер Гирц-Карлсен, извршен заменик- претседател на млечната компанија „Arla Foods“.

Тој исто така се согласи дека има многу елементи што треба да се земат предвид, освен само отпечатокот врз животната средина, како што се нутриционистичките елементи.

Обележува храната

Еко ознака

Фарма до „фрижидер“: одржливост во млечниот сектор

Кога станува збор за одржливоста на земјоделско-прехранбениот сектор, податоците може да се користат и на различни начини, како што е помагање на трговците на мало да го намалат отпадот од храна преку подобра анализа на одредени потрошувачки модели.

Аквизиција и евалуација на податоци и особено имплементација на решенија базирани на податоци веќе се сметаат за основи на истражувачките програми на „EIT Food’, водечка иницијатива за иновации во храната во Европа.

Целта на проектите што ги водат е да започнат нови иновативни и одржливи решенија во форма на производи, услуги или платформи, објасни Керстин Бурсег, програмски менаџер за иновации на „EIT Food“.

„Во зависност од обемот на активност, нашите партнери создаваат различни видови податоци“, рече таа, споменувајќи ги податоците од мониторинг за приносите или податоците за примероци на почвата како би се донеле информирани одлуки за поодржливо управување со фармата.

Во контекст на одговорот на КОВИД-19, „EIT Food“ неодамна го започна проектот Smart-ET, замислен да помогне во ублажување на рапидно намалената потрошувачка на млечни производи што се појави како резултат од затворањето на рестораните.

Фокусот на Smart-ET е да создаде апликација со која е можно да се предвидат варијации во производството на млечни производи и трошоците за храна на пазарот за фармерите, врз основа на историските податоци и податоците што беа собрани за време на COVID-19 пандемијата.

Особено во млечниот сектор, податоците овозможуваат насочено мерење на намалувањето на азотот или подобрување на квалитетот на водата, објасни Гирц-Карлсен од Арла Фудс.

„Друга корисна примена на податоците е во употребата на протеин во прихраната на кравите, оптимизирајќи ја употребата на протеини за да ги намалиме емисиите на штетни гасови“, додаде тој.

Податоците се користат и од страна на креаторите на политики при обликувањето на законските иницијативи, рече Николакопулу од Комисијата.

Комисијата се очекува да побара од земјите-членки да ја поттикнат дигитализацијата во земјоделството преку новата Заедничка земјоделска политика (ЗЗП) и нивните национални стратешки планови.

Фондот за рурален развој, како и дигиталната програма на ЕУ и Планот за обнова, ќе поддржат инвестиции во дигитални технологии, не само во инфраструктурата, туку и во советодавните услуги.

„Ние разгледуваме начини како можеме да ги направиме овие податоци корисни за поддршка или зајакнување на производството, создавање на нови деловни модели, но, исто така, кога ќе ја погледнеме пошироката слика – како можат да се искористат податоците и во поттикнување на иновации во земјоделството, и долж синџирот на снабдување“, истакна Хорхе Пинто Антунес, член на кабинетот на комесарот за земјоделство на ЕУ, Јануш Војчеховски.

Извор: https://www.euractiv.com/