Во Дворче со Темелковски: Ја препознаа нашата искреност, со вкус и ароми кои не враќаат во детството

Во Дворче со Темелковски: Ја препознаа нашата искреност, со вкус и ароми кои не враќаат во детството

 

Славе и Андријана Темелковски не поканија во нивното „Дворче” каде почнува новата приказна на урбано земјоделство и задржување на традиционалниот начин на производство на автохтони македонски сезонски производи. 

Малата семејна фарма ја краси љубовта кон природата и сплотеноста на семејството Темелковски. Во време кога се потешко се наоѓа квалитетна и вкусна храна, Темелковски не враќаат во детството со препознатливиот вкус на домат и пиперче. Градењето доверба кај потрошувачите е клучно за развој на Дворче, со надеж дека еден ден ќе прерасне и во кооператива каде секој ќе може да дојде, да придонесе и сам да си набере домати од градината.

dvorche

МојаФарма: Урбано земјоделство со природни зеленчуци и овошја. Како започна приказната на Дворче, што ве мотивираше да се занимавате со земјоделско производство?

Темелковски: Дворче се крчкаше подолго време, прво во нашите соништа за иднината да имаме нешто свое, а воедно да бидеме и во контакт со природата. Мислам дека љубовта кон природата и желбата за постојан контакт со неа беше примарната мотивација. Да се сведочи секој ден на нејзината промена е навистина посебно искуство, гледате како под сонцето и свежата почва растат ароматни и вкусни плодови на природата. Секако и потребата за здрава и свежа храна играше огромна улога, а и можноста да го споделиме тоа со нашето семејство и пријатели, како и поширок круг на потрошувачи е навистина бесценето, особено кога фидбекот е позитивен и охрабрувачки.

dvorche

МојаФарма: Може ли да ни опишете како се одвива еден ден во вашето „Дворче”, дали целото семејство е вклучено во обврските?

Темелковски: Секој ден во нашето Дворче е различен и многу динамичен. Денот започнува со музика и кафенце, како и хранење на нашите сѐ уште млади кокошки, понатаму следи утринско наводнување, како и секојдневни потребни активности за оддржување на зеленчуците. Во зависност од сезоната во која се наоѓаме имаме често берби и пакување на нарачките, како и достава на истите во одредени денови во неделата. Буквално целото семејство учествува, секој со своите можности и знаење. Јас сум одговорен за целиот процес на создавање, како и оддржување на Дворче, мојата сопруга го работи маркетингот и нашата Инстаграм страна dvorche.mk, а моите родители учествуваат со своето искуство и знаење кое и те како ни е потребно. Секако, тука се најмладите од семејството за дегустација и дружба со кокошките.

dvorche

МојаФарма: Што одгледувате, на кој начин се грижите продуктите да бидат природни и како потоа ги пласирате на пазарот?

Темелковски: Одгледуваме исклучиво сезонски производи, пред се поради природниот начин на производство. Земјата се облагородува исклучиво со био хумус, производите не се прскани, ниту на било кој начин третирани. Оставаме целосно на природата, а ние и помагаме со редовно оддржување, наводнување, како и многу љубов во работата. Пласманот засега се одвива преку нарачки на нашата Инстаграм страна. Бидејќи производството е ограничено, креираме листа и при секоја берба директно од градината доставуваме до нашите потрошувачи до нивниот дом. 

МојаФарма: Сметате ли дека малите и индивидуални фарми и градини имаат потенцијал на македонскиот пазар, а притоа да се одржи квалитетот и достапност за поширока потрошувачка?

Темелковски: Верувам дека сите сакаме здрави производи, го сакаме оној мирис на домат од детството. Ние наидовме на огромен интерес, верувам дека луѓето ја препознаа нашата искреност во процесот на производство и продажбата. Сметам дека имаме голем потенцијал да се вратиме кон она што ни прилега на земја како нашата. Автохтоно, природно и квалитетно производство на зеленчук и овошје. Секако, помош и поддршка би биле повеќе од добредојдени за мали градини и фарми, како би можеле да ги зголемиме капацитетите и да опслужиме поголем сегмент од пазарот. Што се однесува на квалитетот, тој по никоја цена не смее да се компромитира и треба да е приоритет во начинот на работа. 

dvorche

МојаФарма: Одржливоста на прехранбените системи се доведени во прашања со се поголемото загадување. Колку потребата од проверен извор на храна го препознаваат корисниците?

Темелковски: За жал загадувањето е несомнено огромен проблем во нашата земја. Тоа е проблем од пошироки рамки кој сметам дека треба да биде најголем приоритет на решавање на многу нивоа во нашето општество. Верувам дека се повеќе корисниците трагаат по проверен извор токму поради овој проблем, многумина од нашите корисници се наши пријатели, колеги и познаници, кои токму поради довербата кон нас ги конзумираат нашите производи.

dvorche

МојаФарма: Дали размислувате за учество и развој преку кооператива со останати производители и со поврзување со самите потрошувачи кои би можеле да придонесат во приказната на „Дворче”?

Темелковски: Секако дека во иднина би сакале Дворче да стане сечија приказна, а не само наша. Отсекогаш сме посакувале луѓето сами да дојдат и да си наберат производи од нашата градина, да се одморат под сенката на оревот, да се напијат кафе или да ги дегустираат нашите производи. Но, се во свое време, сега сме во зародиш, сѐ уште учиме, затоа и секоја помош и поддршка во било каква форма е добредојдена. Вие токму тоа го направивте со ова интервју. Тимот на Дворче ви благодари од срце.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Успешни приказни

Слични Новости