ЕУ ќе ги намали на емисиите на стакленички гасови за 55% до 2030 година

ЕУ ќе ги намали на емисиите на стакленички гасови за 55% до 2030 година

 

Европската комисија на 14 јули годинава поднесе предлог за ревизија на законите за енергетика и клима на ЕУ во насока на намалување на емисиите на јаглероден диоксид за 55% до крајот на деценијата и поднесе аргументи за конечно одвојување од фосилните горива.

 

Во центарот на реформата е ревизија на пазарот на јаглерод во ЕУ, шемата за трговија со емисии (EU ETS), со што се става цена на секој тон СО2 емитиран од околу 10.000 инсталации во електроенергетскиот сектор, преработувачката индустрија, како и летови во рамките на ЕУ.

Како дел од широкиот пакет климатски политики, Комисијата предложи и зголемување на учеството на обновлива енергија до 40% во крајната потрошувачка на ЕУ до 2030 година, од приближно 20% во 2019 година.

Фокус е ставен и на транспортот, а Комисијата планира де факто забрана за производство на нови автомобили со бензин и дизел до 2035 година, како и мерки за зголемување на даноците за бродските и авијациските горива.

„Знаеме дека нашата сегашна економија базирана на фосилни горива ги достигна границите“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен додека го презентираше пакетот. „Знаеме дека треба да преминеме на нов модел – модел заснован на иновации, чиста енергија и насочен кон циркуларна економија“, рече таа.

 

Реформа на пазарот на јаглерод

 

Тековната шема за трговија со емисии беше дизајнирана да овозможи намалување на емисиите на стакленички гасови за 40% до 2030 година. Европската комисија сега има за цел да го прилагоди ограничувањето со новата цел на ЕУ од 55% и да ја прошири шемата за покривање на емисиите на испорака, притоа поставувајќи нова одделена шема за справување со емисиите од горивата за транспорт и греење.

„Комисијата предлага емисиите од сегашните сектори на ЕТС на ЕУ да се намалат за 61% до 2030 година, во споредба со нивото од 2005 година“, рече претседателката на Европската комисија, сигнализирајќи драстично зголемување во споредба со претходната цел од -43%.

Годишниот таргет за намалување во секторите опфатени со ETS EU шемата исто така ќе биде построг, достигнувајќи 4,2% на годишно ниво, од 2,2% во моментов. А исто така ќе има еднократно намалување на вкупната граница на емисии за 117 милиони дозволени единици, соопшти Комисијата.

Вкупните последици од реформата „ќе бидат драматични“, рече Георг Закман, виш соработник во економскиот тинк-тенк Бригел во Брисел.

„Повеќето автомобили, авиони и системи за греење што се користат во ЕУ ќе треба да се укинат, значајните индустрии ќе треба да ги променат своите вековни производствени процеси и да се произведат огромни количини чиста енергија“.

Друга последица, рече Закман, е дека „согорувањето на фосилни горива значително ќе поскапи во сите сектори“, вклучително и во греењето и транспортот, каде бензинот и дизелот ќе бидат под притисок на зголемувањето на цените на јаглеродот и потенцијалното зголемување на оданочувањето.

Ова предизвикува загриженост во Европскиот парламент, каде Паскал Канфин, постар пратеник и сојузник на францускиот претседател Емануел Макрон, предупреди на ризикот од предизвикување социјални немири слично на движењето „Жолти елеци“ на Франција во 2018 година.

 

Граничен данок за јаглерод

 

За да се спречи поевтин, позагадувачки увоз од други европски производители, Комисијата, исто така, предлага воведување надворешна тарифа на јаглерод што постепено ќе се применува на шест сектори: електрична енергија, железо и челик, алуминиум, ѓубрива и цемент.

Данокот, наречен уште и јаглероден пограничен механизам (CBAM), „ќе ја усогласи цената на јаглеродот при увоз со онаа што се применува во ЕУ“, рече еврокомесарот за економија Паоло Гентилони.

„Со ова дополнително ќе се осигури дека нашата климатска амбиција нема да биде поткопана од странски фирми кои подлежат на полабави еколошки барања. Исто така, ќе охрабри и позелени стандарди надвор од нашите граници“, рече Гентилони.

Данокот ќе се применува постепено за шесте засегнати индустриски сектори, кои веќе имаат корист од бесплатните распределби според ЕТС шемата.

„Се разбира, оваа транзиција може да биде болна за енергетски-интензивните индустрии, па затоа Комисијата сега го воведува овој јаглероден пограничен механизам (CBAM)“, рече Хоге Фјелхајм, директор за истражување на јаглерод во „Рефинитив“, фирма за анализа на податоци што се фокусира на пазарите на јаглерод низ целиот свет.

„И начинот на кој европската индустрија би останала конкурентна за време на таа зелена транзиција ќе биде една од клучните битки во следните години“, изјави таа за ЕУРАКТИВ.

Систем за надзор и за известување е планиран од 2023-та, а увозниците ќе започнат да плаќаат финансиско прилагодување од 2026 година, соопшти Комисијата.

Дел од приходите може да се искористат за придонес во буџетот на ЕУ, но сè уште не е донесена дефинитивна одлука.

 

ИЗВОР: www.euractiv.com