Микропивара, брза и здрава храна, рурален туризам, пчелни продукти – успешни бизниси во Битолскиот регион
РЕК Битола целосно ќе се затвори до крајот на 2030 година, а тоа потикнува се повеќе дискусии околу праведната транзиција за илјадници вработени и луѓе во битолско кои зависат економски од најголемиот капацитет за производство на електрична енергија од јаглен.
Единствен прифатлив пат во таа приказна, според експертите, е спроведување на вистинска праведна транзиција со цел вработените да продолжат да егзистираат, а со тоа да не пострада и економијата во Битолско.
Здружението „Еко-свест“ се залага за спроведувањето на праведна транзиција во тој регион и од таа причина спроведе медиумска тура за да не запознаат со тамошните успешните бизниси, што претставуваат мотив за да се покаже и докаже дека може да се најде и друг пат за егзистенција.
– Доколку сакаме развој, особено во Битолскиот регион, единствената можна одлука е да се „пензионира“ РЕК Битола и да се даде сериозен акцент на вистинска праведна транзиција. Ова вклучува широки консултации со граѓаните и другите чинители за можностите и потребите за економски развој на заедницата кој нема да зависи од електраната. Само со ваков пристап оддолу-нагоре во донесувањето на одлуки, Битола ќе добие праведна транзиција. Во спротивно, ќе добие само транзиција, која според поранешните искуства на транзиција ниту ќе биде праведна, ниту ќе биде пријатна, нагласи Невена Смилевска од „Еко-свест“.
Она што е најважно во целиот процес, е да се слушне мислењето на граѓаните, да се исполнат нивните потреби, а со тоа да се поттикне и развојот на регионот.
Жителите велат дека регионот има огромен капацитет за различни видови на туризам, плодна почва за одгледување на земјоделски производи, средени локали, со што на туристите може да им се понуди вистинско уживање, но постојат проблеми кои треба да се решат, најмногу инфраструктурни.
Микропивара, брза и здрава храна, рурален туризам, пчелни продукти – се само дел од успешните бизниси кои егзистираат во Битолскиот регион.
Бакревски Горан заедно со својот брат Марјан прави домашно пиво. Тоа е првата микропивара во Битола. Идејата им дошла пред околу 5-6 години. Во мометов микропиварата работи со капацитет од околу пет тона месечно, а поради добрите резултати, планираат и понатамошно вложување и проширување. „Љубовта е прва почетна точка и најважна според мене, потоа многу е битно работа и нормално се потребни финанси. Во однос на започнување на бизнис, условите за бизнис се релативно добри, но како апел од наша страна е да се намали бирократијата“, истакна Бакревски.
Освен успешната приказна на Горан и Марјан, забележавме уште нјеколку успешни бнизнис приказни. Битолскиот крај има поволни услови за развој на земјоделството, угостителството, а посебен акцент треба да се стави на огромните можности за рурален развој.
Една од „еко свесните“ бизнис идеи е и идејата на Дарко Милевски. Неговиот ресторан „21-10“ нуди брза, но здрава храна. Тој посочува дека брзата храна дефинитивно може да биде здрава, потенцирајќи декаа нивниот начин на работа е „еко свесен“. Имаат многу мал дел од производи од животинско потекло, се се прави рачно и е минимално процесирано.
Убавините на Баба планина и можностите за добра заработувачка кои ги нуди руралниот туртизам, биле инспирација за уште неколку храбри визионери. Тука вреди да се спомене Пеце Цветковски – сопственик на „Вила Дихово“. Цветковски раскажа како одлучил од град да се врати да живее во село и таму да започне свој бизнис. Вилата е во „етно стил“ а производите кои се нудат во неа се скоро целосно локални: сирење од локалните овчари, мед од локалниот пчелар и.т.н. Цветковски истакна дека покрај нивната вила, убедиле уште неколку фамилии во Дихово да почнат да ги издаваат нивните куќи, а со тоа да се зголеми и сместувачкиот капацитет во селото.
Пчелините производи од овој крај се сосема друга приказна. „Љубовта кон пчелите и пчеларството ми беа еден вид на предизвик. Исто така постоеше желбата за изработка на пчелните семејства, сандаци да речам, изработката на дрво како хоби. И тука направив една спојка помеѓу пчеларството и желбата за работа со дрво, и почнав да го работам ова“, ни раскажа Нацо Јовчевски.
Производниот погон „Гермина“ во село Гермијан е, исто така, пример за успешна бизнис идеја. „Моментално минералната вода која се произведува е во пластична амбалажа, но, се размислува во насока целокупното производство во иднина да биде во стаклени амбалажи, или барем дел да биде во амбалажи од рециклирана пластика, со цел да ја заштитиме животната средина“, истакна Мимоза Кочавска – технолог во производен погон „Гермина“.
Успешните бизнис приказни кои ги слушнавме во Битолско се стремат кон проширување, а со тоа и дополнителни вработувања, покренување на еко-свеста и промовирање на регионот. Овие луѓе се доказ дека постои начин да се спроведе праведна транзиција, само е потребна волја, како и помош од државата – наведува дописникот на МИА.
Извор: МИА