Одржливи прехранбени системи: Зошто се важни и дали претставуваат решение за справување со климатските проблеми?
Сведоци сме на постојано соочување со различни кризи, почнувајќи од економската криза, преку моменталните воени судири, здравствена криза, па се до климатски промени, еколошка деструктивност и начин на кој моментално се произведува храна на глобално ниво. Едно глобално решение кое ќе може да ги реши сите предизвици не постои, но од огромна важност е да се почне од некаде. Зборувајќи за надминување на криза потребно е подигање на свеста и навлегување во суштината на проблемот.
Поради раст на глобалната популација, луѓето никогаш повеќе од сега не произбедувале и консумирале храна. Но, она што е поважно од овој факт, а постојано се занемарува, е начинот на кој што се произведува храната. Имено, земјоделството е гранка која се смета за еден од најголемите предизвикувачи на климатските промени и во текот на последните 100 години, изгубен е диверзитетот на повеќе од 90% традиционални култури и 50% од животните кои порано се одгледувале за храна. Некои статистики покажуваат дека дури 30% од произведената храна во САД е неискористена и се фрла. Уште пошокирачка бројка е проценката на Обединетите Нации дека 50% годишно од вкупно произведениот зеленчук и овошје на глобално ниво завршува како отпад.
Моментално, како практично решение се појавуваат одржливи прехранбени системи кои се фокусираат на подобрување на социјалната, еколошката и економската одржливост следејќи го целиот прехранбен синџир – од почва до трпеза. Во продолжение ќе се осврнеме на дефинирање на овие системи, како може бидат решение на предизвиците, како и примери за одржливи системи.
Како се дефинираат одржливи прехранбени системи?
Одржливите прехранбени системи се од суштинско значење за да се обезбеди безбедна и квалитетна храна за секого, а истовремено да се заштитат еколошките, социјалните, културните и економските основи на кои се потпира безбедноста на храната. Постигнувањето на оваа цел вклучува минимизирање на негативните влијанија врз животната средина и промовирање на социо-економската благосостојба. Одржливоста на прехранбените системи треба да се интегрира во сите фази на синџирот на снабдување со храна, вклучувајќи производство, складирање, преработка, дистрибуција, малопродажба, потрошувачка и управување со отпад. Со давањето приоритет на еколошката, социјалната и економската одржливост низ овие аспекти, одржливите прехранбени системи можат ефективно да ги задоволат потребите на сегашните и идните генерации.
Како одржливите прехранбени системи може да бидат решение на предизвиците?
Рамката на функционирање на одржливите системи кореспондира со различни корективни пристапи за социјалните и еколошките предизвици поврзани со конвенционалните прехранбени системи.
- Зачувување на животната средина: со давање приоритет на регенеративните земјоделски практики, одржливите системи за храна можат да ја ублажат деградацијата на животната средина, да го зачуваат биодиверзитетот и да ги намалат емисиите на стакленички гасови. Практиките како што се агрошумарството, органското производство и плодоредот го подобруваат здравјето на почвата, зачувувањето на водата и секвестрацијата на јаглеродот, придонесувајќи за севкупната отпорност на екосистемот.
- Ублажување на климатските промени: одржливите прехранбени системи ги нагласуваат практиките на производство со ниски емисии на стакленички гасови и намалената зависност од фосилните горива. Со усвојување тн. smart climate земјоделски практики, како што се агроекологијата и регенеративно земјодество, овие системи можат да го ублажат значајниот придонес на земјоделскиот сектор во климатските промени и да ја подобрат неговата отпорност при природни катастрофи.
- Безбедност и исхрана: одржливите прехранбени системи приоретизираат на рамноправност и достапност до безбедна храна за сите, без оглед на социо-економскиот статус или географската локација. Со промовирање на разновидно и локално производство на храна, овие системи можат да го подобрат суверенитетот на храната, да го намалат транспортот и да ја минимизираат зависноста од глобалните синџири за снабдување со храна, а со тоа да ја зајакнат безбедноста и квалитетот на локално ниво.
- Економски развој: Одржливите прехранбени системи ги поддржуваат локалните економии преку поттикнување на мали земјоделски претпријатија, создавање можности за вработување и промовирање на фер трговски практики. Со инвестирање во агроеколошки пристапи и преработка на храна со додадена вредност, овие системи можат да генерираат приход и за руралните и за урбаните заедници, да го стимулираат економскиот раст и да ги намалат разликите во приходите.
Примери за одржливи прехранбени системи
Многу често, одржливите прехранбени системи се прилагодени на локалните ресурси и потреби и се состојат од акција и иновација во повеќе фази од снабдувачкиот синџир. Во таа смисла, тешко е да се даде еднолика дефиниција за еден одржлив прехранбен систем и не постои one-size-fits-all пристап. Еве неколку клучни пристапи:
- Агроекологија: Оваа гранка потекнува од 1980тите со првичен фокус на промени на ниво на фарма, конкретно замена на хемиските со органските инпути. Со текот на времето, принципите еволурирале со ширење на рамката и вреднување на екологијата на целиот прехранбен систем, не само на ниво на фарма. За постигнување на таа цел, потребен е холистичен, систематски пристап кон разбирање на одржливоста на системите, додека директно се конфронтираат политичките и економските структури кои владеат моментално со индустриските прехранбени системи.
- Органско земјоделство: Фокусирано на здрави почви, луѓе и екосистеми, органското земјоделство се потпира на биодиверзитетот и еколошките процеси, избегнувајќи ги штетните хемиски инпути. Сепак, предизвиците постојат, бидејќи многу органски системи од големи размери даваат приоритет на приносите пред еколошкиот интегритет.
- Агрошумарство: Вклучувајќи дрвја и грмушки во земјоделството, агрошумарството ја подобрува структурата на почвата, ја намалува ерозијата и обезбедува егзистенцијална корист на екосистемот.
- Регенеративно земјоделство: Овој пристап ја обновува органската материја на почвата за да ја подобри секвестрацијата на јаглеродот, надминувајќи ја обичната одржливост за активно регенерирање на екосистемите. Практиките како покривање и зачувување на почвата ги збогатуваат нутриентите во почвата и ја зајакнуваат долгорочната продуктивност.
- Биодинамично земјоделство: Гледајќи ги фармите како меѓусебно поврзани живи организми, биодинамичното земјоделство ги нагласува холистичките практики на управување, биодиверзитетот и соодносот на организмите на фармата. Вклучува принципи како ротација на културите, компостирање и набљудување на природната динамика за да се поттикне одржливо производство на храна.
- Пермакултура: Вкоренета во имитирање природни екосистеми, пермакултурата ги применува принципите на дизајнот за да создаде стабилни и разновидни системи. Етичките размислувања како Грижата за земјата, грижата за луѓето и фер споделувањето го водат овој пристап, нагласувајќи го набљудувањето, ефикасноста на ресурсите и приспособливоста.
Наведените проблеми се токму фокус на проектот CITIES2030 („Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“) кој има главна цел да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век. Проектот CITIES2030 со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.
Автор: Ангела Живачки
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.