Потрошувачката кошница во ноември изнесувала 36000 денари, ССМ бара минимална плата од 18.000 денари од јануари

Потрошувачката кошница во ноември изнесувала 36000 денари, ССМ бара минимална плата од 18.000 денари од јануари

 

Последните податоци за синдикалната минимална кошница покажуваат дека таа во октомври е зголемена за 200 денари во однос на септември. Според податоците на ССМ, вредноста на синдикалната кошничка во октомври изнесувала 34.584 денари. Најголем процент од месечните трошоци одат за храна и за режиски трошоци.

Сојузот на синдикати на Македонија поднесе предлог до Собранието и до Министерството за труд и социјална политика за донесување на закон со кој минималната плата треба да изнесува 18.000 денари. ССМ бара и висината на минималната плата да не биде пониска од 60 отсто од просечната месечна нето-плата во последните три месеци, како и спирално зголемување на сите останати плати во државата.

„ССМ секој месец ја пресметува синдикална минимална кошница во која се опфатени производите и услугите кои се најнеопходни за егзистенција на едно семејство. Гледајќи го порастот на цените на услугите и производите на пазарот кои се од витално значење за нормалниот живот, разговаравме дека не може да чекаме до март кога согласно закон се врши усогласување на минималната плата. Имавме енормно зголемување на храната, средствата за хигиена и на горивата и врз основа на нашите пресметки и нашата интенција минималната плата да биде 60 отсто од просечно исплатената плата, направивме пресметка која покажа дека минималната плата треба да биде 18.000 денари“, вели во изјава за МИА генералниот секретар на ССМ Златко Цветковски.

Додава дека мора да им се помогне на работниците за да може полесно да ги подмират основните месечни потреби имајќи предвид дека по Нова Година се очекува зголемување на цената на струјата, а замрзнатите цени на основните прехранбени продукти важат до 31 јануари.

По барање на ССМ се работи и на анализа за влијанието на минималната плата врз стопанството чии првични резултати покажуваат дека покачувањето на минималната плата не влијае негативно, туку напротив позитивно на продуктивноста на работниците.

Синдикатот бара поддршка од сите пратенички групи за овој нивни предлог. Подготвени се да ги искористат сите синдикални можности што им стојат на располагање за да го реализираат ова нивно барање, а во спротивно како крајна варијанта најавуваат генерален штрајк.

 

Извор: Фактор

Категории: Вести