Почетоци за имплементација на прецизно земјоделство – Како да креирате зони во едно поле?
Оптимизацијата на земјоделските репроматеријали и ресурси е еден од главните предизвици на современиот земјоделец. Трошоците на производство по хектар во Македонија се се уште превисоки во однос на трошоците и разликата во профитот кои ги имаат земјоделците во развиените земји. Од клучно значење е имплементацијата на методи и концепти кои што овозможуваат заштеда на ресурси. Една од таквите методи е создавање на зони, односно зонирање на самото поле според одредени карактеристики. Со зонирањето, земјоделците создаваат економски единици/зони врз основа на карактеристиките на почвата и други компоненти на средината во зависност од тоа каде се поставени обработливите површини.
При зонирање за земјоделски цели, важно е да се земат в предвид многу фактори вклучувајќи ги и регионалните карактеристики на почвената покривка. Регионалните карактеристики на почвата може да се добијат од сателитски снимки или, во случај на помали области, од беспилотни летала.
Познавањето на поврзаноста на почвите со природните услови на теренот е од суштинско значење за планирање и изведување на земјоделски активности кои не ја оштетуваат структурата и плодноста на почвата.
Знаејќи ја количината на достапните почвени ресурси и самата хетерогеност на почвата е исто така од круцијално значење во креирање на специфични управувачки зони во самото поле. Наместо обработливата површина да се третира како целина, таа може да се подели на помали површини кои што имаат слични вредности во поглед на структурата, достапноста на хранливите материи и топографијата.
Одредувањето на управувачки зони е прв чекор кон имплементацијата на концептот на прецизното земјоделство, или поконкретно кон имплементирањето на технологијата на варијабилна стапка на апликација (ВРТ) на пестициди, ѓубрива и семе. Со зонирање се креираат економски единици кои се базирани на разни видови на податоци како што се анализата на почва, топографијата, сателитските снимки, мапи од принос и друго. Овие економски единици овозможуваат секоја од зоните да се култивира посебно и во зависност од достапните информации може во голема мера да се заштеди при апликација на пестициди, ѓубриво и семе. Според теоријата, преку создавање на управувачки зони може да ги намали трошоците од 15-20% по хектар. Освен заштеда на трошоците се постигнува и хомогенизација на полето во поглед на хранливите материи кое ќе придонесе кон создавање на униформни посеви и ќе го намали протекувањето на азотните ѓубрива во долните слоеви од почвата и подземните води. Дополнително, зонирањето се препорачува како мерка при намалување на ерозијата на почвата и заштитата на животната средина.
Графичкиот приказ за полесно донесување на одлуки се врши во специјални софтвери наменети за таа цел. Приказот се создава со преклопување на податоците и како завршна фаза се создава слика (мапа) каде што се претставени одредени зони со специфични карактеристики во едно поле.
За дефинирање на управувачки зони потребни се следниве податоци:
Анализа на почва
Специјално земени мостри на почва според однапред дефинирани ГПС точки на полето. Дефинирањето на ГПС точките се прави со помош на софтвер кој овозможува создавање на замислена решетка со точно дефинирани димензии врз полето.
Топографски податоци
Специјален дигитален формат на 3-Д модел на површината која што е предмет на испитување. Овој дигитален податок може да се добие од Националниот геопортал за македонските просторни податоци (http://nipp.katastar.gov.mk/)
Сателитски и дронски снимки
Сателитските и дронските снимки со поголем квалитет можат да се користат во создавање на информативен слој кој подоцна ќе послужи како дополнителни податоци во процесот на креирање на управувачките зони. Најчесто се користат снимки со посебни индекси (NDVI, NDWI, SWIR и Multispectral) кои даваат поголеми индикации за моменталната состојба која што се случува на полето.
Мапа со електроспроводливост на почва
Со специјализирани направи кои што се влечат по полето и испуштаат одредена количина на струја се мери отпорноста која што ја дава почвата при спроведување на струјата. Вредностите кои што се создаваат точно укажуваат на структурата и типот на почвата во дадена точка од полето. Поголемата спроводливост укажува на почва која што е богата со јони и хранливи материи, додека помала спроводливост укажува на тоа дека почвата сиромашна и инертна.
Мапи на принос
Еден од главните податоци кои што служат во создавање на управувачки зони се мапите од приносот кои што се создаваат за време на жетвата. Современите комбајни имаат сензор кој мери проток на принос во одредена точка од полето и така се создава мапа која што покажува кое место од полето дава поголем принос.
Мапи од претходно изведени ВРТ операции
Историските податоци од изведени агротехнички операции (сеење, ѓубрење и заштита) со помош на ВРТ можат да служат како дополнителен извор на информации во зонирањето. Сеидбената норма и мапата за принос може да даде многу јасни информации за успешноста во производството на одреден дел од полето.
Креирањето на управувачки зони пред се служи за полесно да се прикажат скоро сите карактеристики за едно поле и последователно, подобро разбирање за сите процеси кои што се случуваат на полето. Со такво знаење процесот на донесување на одлуки ќе биде полесен и издржан со соодветни докази за оправдување на преземената агротехничка операција. Но, би сакал да напоменам дека сепак овие мапи треба да се користат за давање на препораки во која насока треба да се движи производството и никогаш не треба да се земе како конечен резултат. Знаењето и искуството кое го имаат земјоделците помогнато со експертско толкување на мапите од страна на агроном секогаш ќе има позитивен резултат во процесот на подобрување на земјоделското производство.
Доколку сакате да се информирате повеќе за Технологијата со варијабилна стапка (ВРТ), кликнете .
Доколку сакате да се информирате повеќе за Технологијата со варијабилна стапка (ВРТ), кликнете овде.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.