Со одлука на Владата зголемена поддршката за оризопроизводителите кои немаат сертифициран семенски материјал

Со одлука на Владата зголемена поддршката за оризопроизводителите кои немаат сертифициран семенски материјал

 

Цената на оризот е променлива категорија, што од година во година зависи од многу фактори согласно условите што ги диктира пазарот и е договор меѓу производителите и откупувачите, истакна денеска владиниот портпарол Душко Арсовски во однос на барањата на производителите на ориз за фиксна откупна цена на оризот и зголемување на субвенциите.

– Тоа што е факт е дека просечната цена на пазарите на големо од реколтата 2020 изнесува 56,82 денари за килограм. Оваа цена е повисока споредена со изминатите четири години. Исто така, и цената на оризот на пазарите на мало е повисока. Во 2020 достигнува до 73,10 денари за килограм, што е раст од осум проценти споредено со 2018 и 2019 година, истакна Арсовски.

Тој посочи дека на барање на оризопроизводителите, Владата дополнително донела одлука за зголемување на висината на финансиската поддршка за подмерката за ориз без сертифициран семенски материјал.

– Со направената измена се зголеми поддршката за земјоделците кои немаат сертифициран семенски материјал на 25 илјади денари за површина до пет хектари, а оние земјоделци кои имаат површини од пет до 50 хектари ќе добијат финансиска поддршка од 30 илјади денари по хектар, објасни Арсовски.

Тој додаде дека со оваа одлука Владата им излегува во пресрет на оризопроизводителите во напорите да се амортизираат последиците од корона кризата.

 

Извор: МИА

 

Категории: Вести