Ќе се „офајдат” ли земјоделците од ребалансот на Буџетот?

Ќе се „офајдат” ли земјоделците од ребалансот на Буџетот?

 

Според усвоениот ребаланс на Буџетот кој помина со одлука на Влада се предвидува зголемена поддршка на секторот земјоделство и рурален развој преку субвенциите и грантовите кои ги доделува АФПЗРР.

Владата очекува дека до крајот на годината економијата ќе се опоравува и ќе се забележи поголем раст на БДП со кој ги оправдува зголемените расходи.

Повеќе субвенции и грантови за земјоделците

Кај Министерството за земјоделство средствата за Хидросистем Злетовица остануваат на исто ниво, се намалуваат парите за Хидросистем Лисиче, но затоа пак драматично зголемување има на средствата со кои ќе располага Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Тие се качуваат на ниво од речиси 20 милиони евра повеќе за земјоделците.

Предвидените зголемени расходи се оправдуваат и со очекувањата дека ќе растат капиталните инвестиции кои ќе го засилат економскиот раст по тешката година за стопанството и реалниот сектор.

Во предлогот на Владата кој ќе се најде пред пратениците исто така е наведено дека ќе има раст како на јавните така и на приватните инвестиции. Поточно растот на бруто инвестициите е поставен на 8,5% со што се очекува државната каса да има стабилни приходи за реализација на ребалансот на Буџетот.

Дали еколошката такса ќе удри по земјоделците и ќе предизвика инфлациски притисок?

Сепак, со новата еколошка такса за дизел горивата се очекува да се зголемат директните трошоци на земјоделците бидејќи нафтата е еден од основните инпути. Тоа може да предизвика и раст на цените на прехранбените производи и поголем инфлациски притисок во економијата.

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Агро Бизнис, Вести