Со авокадото се поврзани многу легенди и преданија. Маите верувале дека авокадото има магични и мистични моќи и било често послужувано на кралските трпези, посебно конзумирано од принцезите. Авокадото било и симбол на љубов и плодност кај Атцтеките, затоа што самото не може да се опраши, т.е кога расте, расте во пар.
Денес, авокадото е едно од најпопуларните овошја, достапно во маркетите во текот на целата година. Поради широкиот спектар на хранливи материи, вклучувајќи 20 различни витамини и минерали, често е нарекувано и супер храна.
Во својот состав содржи двојно повеќе калиум од бананите, кој помага во регулацијата на крвен притисок, работата на срцето и бубрезите. Кремастата пулпа на авокадото има масни киселини кои помагаат во апсорпција на други супстанци. Мастите во авокадото се многу отпорни на оксидација поради високите температури, па затоа маслото од авокадо е едно од најсоодветните масла за готвење.
Растителните влакна ја подобруваат работата на целиот дигестивен систем. Дневниот внес на влакна е важен затоа што освен што ни помагаат да одржуваме здрава тежина, тие го намалуваат нивото на шеќер во крвта, што е фактор во спречување на многу болести.
Благодарејќи на многуте антиоксиданси, употребата на авокадото позитивно влијае во намалување на шансите за карцином на дојка и простата. Антиоксидансите служат и за одржување на здрава и хидратирана кожа со што истровремено се успорува процесот на стареење. Маслото од авокадо се користи при сува и оштетена коса. Покрај тоа, го забрзува растот на косата и спречува понатамошно опаѓање.
Авокадото има висока калорична вредност, на 100 грама има 160 kcal или 669 kJ, со хранливи вредности од 2% протеини, 14,6 % масти и 8,5% јаглехидрати.
За одличен почеток на работниот ден со вкусен и хранлив појадок, полн со протеини и омега-3 масни киселини, а брз за подготовка ви препорачуваме да го погледнете следниот рецепт.
Автор: Александра Силјановска
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.