Кој е поздрав – белиот или интегралниот ориз ?

Кој е поздрав – белиот или интегралниот ориз ?

 

Оризот е една од основните намирници во секојдневната исхрана на едно семејство. На македонските простори се препознатливи оризовите насади во Кочани, што оризот го прави неизбежен дел и од традиционална но, и современата македонска кујна.

Домашниот ориз како и оризот кој доаѓа од увоз може да се приготви на различни начини, од традиционалната тава со пилешко месо, па се до модерните трендови на подготовка на рижото со морски плодови. Најчесто традицијата е поврзана со белиот ориз, но се почесто се наметнува темата дали интегралниот ориз е поздрав за организмот.

Оваа житарица е одличен извор на енергија за подобра активност на мозокот и телесните функции. Оризот е извонредно хранлив, има 360 калории во 100 грама, не содржи речиси воопшто масти, а од составот 73% припаѓаат на јаглехидратите.

Оризот е богат со скроб, па затоа е многу лесно сварлив. Оризот содржи и минерали, како фосфор, калиум, а има нешто помала количина на магнезиум, калциум, манган и железо. Од витамините најмногу ги содржи витаминот Е и витамините од групата Б.

Дали да јадеме интегрален или бел ориз?

Најупотребувани типови на ориз на пазарот се белиот ориз, а се повеќе е достапен и има интерес за интегралниот ориз. И двата типови потекнуваат од исто зрно, со таа разлика што белиот ориз поминува низ повеќе степени на рафинирање и процесирање.

Во процесот на обработка на белиот ориз му се отстрануваат никулецот и лушпата. Поради ова, за разлика од интегралниот ориз, рафинираниот ориз има недостаток или намалени количини на минерали, масти, растителни влакна и протеини. Затоа многу често производителите на белиот ориз вршат збогатување, односно ги додаваат витамините од Б групата ( Б1, Б3 и Б9 ), но и железо.

Извор: Pixabay

Кафеавиот или интегрален ориз се смета за полнозрнеста храна и има значително поголема количина на влакна од белиот ориз. Содржи повеќе хранливи материи од белиот ориз: 3.5 пати повеќе магнезиум, 4 пати повеќе витамин Б1, 5 пати повеќе никотинска киселина и 1.5 пати повеќе фолна киселина. Во својот состав има и повеќе сирова целулоза, па така го поттикнува празнењето на цревата, како и излачувањето на желудечните и цревните сокови.

Оваа житарица е храна базирана на скроб, односно храна со висок процент на јаглехидрати. Луѓето кои често конзумираат ориз и не се физички активни, на подолг период може да ја зголемат својата тежина. Според некои истражувања оние кои јаделе често и во големи количини бел ориз, во текот на една година ја зголемиле својата телесна тежина. За разлика од нив, испитаниците кои јаделе интегрален ориз ја одржале својата тежина, без оглед на количините ориз кои ги консумирале. Затоа интегралниот ориз е подобар избор и за контролирање на оптималната телесна тежина. Дополнително има низок гликемиски индекс и е погоден за луѓето кои слабеат, секако во умерени количини.

Исто така редовното консумирање на бел ориз, го зголемува ризикот од дијабетис, а се смета дека редовното консумирање на интегралниот, го намалува ризикот.

Извор: Pixabay

Интегралниот ориз е добар, здрав извор на енергија која постепено се апсорбира и треба да служи како една од основните намирници во здравата исхрана, односно база за многу здрави рецепти.

За луѓето со целијакија важно е да се напомене дека оризот се препорачува за нивната исхрана, имајќи предвид дека ниту интегралниот, ниту белиот ориз не содржат глутен.

Фото: Pixabay

Категории: Здрава храна