Германските правила за употреба на пестициди имаат голем број недостатоци
Откако ја презеде функцијата, министерката за животна средина Штефи Лемке се изјасни за значително намалување на нивото на пестициди и најави мерки за таа цел. Германската правна рамка за користење на производи за заштита на растенијата има значителни недостатоци, покажуваат заклучоците од извештајот презентиран во средата (12 јануари) од страна на сојуз формиран од повеќе здруженија.
Според Атласот за пестициди објавен од Фондацијата Хајнрих Бол, еколошката организација БУНД и Мрежата за акција за пестициди (ПАН Германија) – употребата на пестициди ширум светот е зголемена за 80% од 1990 година.
„Итно ни е потребен пресврт на трендот“, рече Барбара Унмисиг, извршен директор на Фондацијата Хајнрих Бел, при презентацијата на извештајот. „Европската и германската политика се сега на потег“, додаде таа.
На ниво на ЕУ, водечката стратегија на ЕУ „Од фарма до вилушка“ има за цел да го преполови бројот на употребени пестициди и придружните ризици до 2030 година. Според Олаф Банд, претседател на еколошката организација БУНД, ова е веќе добар чекор.
„Но, ова е нешто каде што владата требаше веднаш да каже: Ние го поддржуваме ова, па дури и правиме повеќе“, изјави Банд.
До денес, на Германија, во најдобар случај, може да и се даде „лоша“ оцена за нејзините активности во оваа област, додаде тој.
Новиот министер за земјоделство Џем Оздемир, требаше да го подобри националниот стратешки план за спроведување на Заедничката земјоделска политика на ЕУ (ЗЗП) веднаш по преземањето на функцијата за да создаде посилни стимулации за намалување на употребата на пестициди, дополни Бандт.
За да ги постигне целите за намалување поставени од ЕУ, на Германија досега и недостигаше „јасен патоказ“, рече и Унмисиг. „Оздемир и федералната влада мора да се водат и да продолжат токму од оваа забелешка“, додаде таа.
Во својот коалициски договор, владата изјави дека сака „значително да ја намали употребата на производи за заштита на растенијата и да го промовира развојот на алтернативи погодни за природата и за животната средина“.
На пример, подобра промоција ќе има органското земјоделство, кое работи без употреба на синтетички пестициди. Коалициската влада дополнително ќе го развие Националниот акционен план за заштита на растенијата, кој ги утврдува плановите на Германија за ограничување на ризиците поврзани со пестицидите.
Заострување на процедурите за одобрување
Откако ја презеде функцијата, министерката за животна средина Штефи Лемке се изјасни за значително намалување на нивото на пестициди и најави мерки за таа цел.
„Ни треба значително намалување ако сакаме да ја запреме смртноста кај инсектите“, рече Лемке за весникот Funke Mediengruppe на крајот на декември. „Не смееме да ја изгубиме оваа битка која е клучена за витален дел од нашиот екосистем“, додаде таа.
За да се постигне ова, Лемке сака, меѓу другото, да ги заостри процедурите за одобрување на пестициди. Но, според Френк Хускер од Центарот за истражување на животната средина Хелмхолц и Роберт Лепениес од Карлшохшуле во Карлсруе, ова не е главната почетна точка за ефикасно намалување на употребата на пестициди.
Во една неодамнешна студија, двајцата политиколози заклучија дека имплементацијата на веќе постоечките прописи за употреба и ризици од пестициди е главниот проблем.
„Постои Директива за одржлива употреба, која обезбедува решенија за ова и со која земјите-членки исто така се обврзуваат да ја имплементираат“, изјави Лепениес. „Но, иако ги имаме законите, се чини дека е политички и економски невозможно да се спроведат“, додаде тој.
Според стратегијата „Од фарма до вилушка“, Европската комисија има намера да ја ревидира Директивата на ЕУ за одржлива употреба на пестициди (SUD), која има за цел да ги намали ризиците од употребата на пестициди по здравјето на луѓето и животната средина а беше усвоена уште во 2009 година.
Застарени вкоренети структури
Според двајцата истражувачи, лошата имплементација на регулативите за пестициди, во голема мера може да се припише на вкоренетите застарени структури, кои тешко се прилагодуваат, дури и ако регулативата се смени.
Тука спаѓаат инфраструктури за дистрибуција на пестициди, економски стимулации за купување на пестициди, како и релевантните политички и административни носители на одлуки, објасни Хускер. Тој додаде дека спроведувањето на одредени контроверзни прописи во Германија понекогаш намерно или несвесно се одложува на административно ниво.
Според него, јавниот и приватниот интерес треба подобро да се одвојат во оваа област за да се обезбеди ефикасно спроведување на законските барања за употреба на пестициди.
Стимулации за одговорна употреба на пестициди, исто така, може да бидат обезбедени со давачка која ќе ја зема предвид потрошувачката и ризикот на соодветната хемикалија, додаде тој.
Данска, која има данок за употреба на пестициди во комбинација со финансиски стимулации за намалување на употребата на пестициди, имаше добро искуство и постигна намалување од 40 отсто, рече Унмисиг на презентацијата на Атласот за пестициди.