Глобалните негативни ефекти од зголеменото одгледување на палминото масло
Пред 17 години една од најважните одржливи цели за светското производство на храна беше да се спречи ширењето на плантажите со палмино масло, кои беа создадени со уништување на дождовните шуми. Сега статистиката покажува дека 80 % од овој пазар останува недопрен од напорите на еколошката заедница, бидејќи никој не сака да плати за производ со сертификат за одржливост.
Околу една петтина од палминото масло произведено на глобално ниво во 2020 година беше сертифицирано од организации како што е „Тркалезната маса за одржливо палмино масло“ (RSPO), но потрошувачите купуваат само половина од него. Остатокот се продава на прехранбени компании и други клиенти без премија за одржливост како несертифицирано масло, вели директорот на „United Plantations Bhd.“ (Карл Бек-Нилсен), чија компанија беше прва која го доби сертификатот во 2008 година.
Причините за неуспехот на одгледувачите, трговците и потрошувачите да изградат пазар за масло кое ги штити шумите и биолошката разновидност се многубројни и различни – почнувајќи од малите фармери кои произведуваат две петтини од глобалната понуда, па сè до потрошувачите кои се несвесни што купуваат. Но, со растечката глобална криза со храна, зголеменото уништување на тропските шуми и влијанијата од глобалното затоплување – станува насушна потребата за контрола на штетите предизвикани од најинвазивниот облик на тропско земјоделство во светот .
Палминото масло е евтино, го има во изобилство и претставува една од најчесто упоребуваните индустриски култури. Како и суровата нафта која се преработува во различни горива, пластика и петрохемикалии, исто така и палминото масло се рафинира, дестилира, се филтрира и се меша за да се создаде низа цврсти и течни производи , кои се составен дел од вашиот сапун, ја подобруваат бојата во карминот, го омекнуваат лебот, ја прават вашата чоколада мазна и сјајна. Можете да го намачкате на тост, да го запалите како свеќа, да ја изперете облеката со него, па дури можете да го приспособите и својот автомобил да се движи на погон заснован на палмино масло.
Во просек годишно секој од нас консумира по 8 килограми палмино масло. Најчесто не сме ни свесни дека тоа што го јадеме, го мирисаме или го гориме содржи супстанци кои некогеш порано биле купчиња црвено овошје од маслодајна палмата. Тоа е така затоа што палминото масло и неговите деривати ги има во многу состојки кои се јавуваат под повеќе од 200 различни имиња.
Со толку многу намени, глобалното производство на палмино масло се зголеми за три пати од почетокот на векот. Главен двигател е опасната експанзија во Индонезија и Малезија, најголемите земји производители. Маслодајните палми се тропски растенија кои првично потекнуваат од Западна Африка. Зголеменото производство на палмино масло оди директно на сметка на огромните површини прекриени со прашуми. Сателитските податоци од „Global Forest Watch“ покажуваат дека помеѓу 2002 и 2020 година, прашумите се намалиле за 17% во Малезија и 10% во Индонезија.
Покрај тоа што се уништуваат големи пространства на шуми за одгледување палми – и преработката, пакувањето, транспортот и користењето на производите со палмино масло создаваат значајни емисии на стакленички гасови. Меѓународниот совет за чист транспорт проценува дека фармите за палми во Индонезија и Малезија испуштаат околу 500 милиони тони јаглерод диоксид годишно, што придонесува со 1,4 % во глобалните емисии на јаглерод, речиси ист процент како и во воздухопловниот сектор. „RSPO Group“ проценува дека над 19 милиони тони од лобалната понуда на палмино масло имаат сертификат за одржливост, што значи дека околу 81 отсто од нив воопшто не се сертифицирани.
Околу 40 % од светските резерви на палмово масло се произведуваат на мали фарми чии сопственици не ја разбираат важноста на сертификацијата или немаат доволно пари за тоа. Во побогатите земји се забележува некаков напредок. Унилевер, кој е еден од најголемите светски откупувачи на палмино масло, наведува дека потрошувачите сѐ почесто бараат да го знаат потеклото на производот. Затоа, оваа компанија одлучи до 2023 година да воспостави соработка исклучиво со добавувачи со сертификат за одржливост и со тоа да ја направи својата деловна политика потранспарентна.
Екологистите забележуваат дека бојкотот на палминото масло може да биде полош за планетата отколку неговата употреба. Причината е што палминото масло е речиси десет пати попродуктивно од маслото од соја и сончоглед. Насадите со маслодајни палми, на глобално ниво, зафаќаат само околу 7 проценти од обработливото земјиште, но произведуваат 40 проценти од растителните масла за јадење. Заменувањето на ова масло со алтернатива ќе бара уште поголеми површини за одгледување .
Извор: Bloomberg
Фото: Pixabay