Дали индустријата за телешко стана организиран монопол?

Дали индустријата за телешко стана организиран монопол?

 

По избивањето на пандемијата, цената на телешкото месо во САД достигна рекордни износи. Зголемената побарувачка, како и кај секоја друга намирница по карантинот влијаеше за раст на цените, но според истражувањата вистинската причина лежи во децениска политика на монополизација на индустријата за телешко месо.

Според истражувањата на Vox, четири големи компании стојат зад олигополот на продажбата на телешко месо во САД. Олигопол е кога неколку субјекти имаат мнозински удел на пазарот.

Проценките велат дека таа состојба довела до затворањето на околу 40% индивидуални фарми и ранчеви за одгледување на стока.

Големите синџири на преработувачката индустрија ги користат законските олабавувања воведени уште од пред 40 години кога на власт беше Роналд Реган. Претседателот Реган е првиот конзервативец меѓу републиканците кој воведе дерегулација на големиот бизнис.

Според оваа економска идеологија државата треба да ја ограничи улогата на регулатор што е можно повеќе, а бизнисот сам преку компетитивност да се развива со што ќе има и повеќе вработување и ќе се плаќаат повеќе даноци во државната каса.

Сепак, преку аквизиции и спојувања на фирми, денес во САД производството на пакувано телешко месо го контролираат само четири корпорации. Овие големи брендови контролираат над 80% од пазарот.

Учеството на малите фармери некогаш во пазарот на телешко месо во САД изнесувал и над 40%, што покажува дека пазарот се повеќе се монополизирал.

Сега е поведена конгресна истрага дали ќе биде потребно да се менуваат законите од ерата на Роналд Реган, кои пак неговиот идеолошки наследник Доналд Трамп како претседател на САД сакаше што е можно повеќе да ги надгради.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Зелен развој